Ѓубраџиите во Анкара отворија јавна библиотека во која се наоѓаат книги фрлени на отпад

Библиотека во Анкара дава ново значење на мислата дека книгите се безвременски.

Ѓубрари во турскиот главен град отворија јавна библиотека во која се наоѓаат книги фрлени на отпад.

Библиотеката, која се наоѓа во дистриктот Чанкаја во Анкара, е основана откако ѓубрарите почнале да собираат флени книги.

Со месеци тие ги собирале книгите, а откако се дознало за нивната акција, граѓани почнале да им донираат.

Првично, книгите биле наменети само за вработените и нивните семејства. Но, како што се зголемувала колекцијата и интересот низ заедницата, библиотеката во септември, минатата година, беше отворена и за јавноста.

„Почнавме да дискутираме за идејата да создадеме библиотека од овие книги. Кога луѓето го поддржаа тоа, се случи и проектот“, вели градоначалникот на Чанкаја, Алпер Тасделен.

Денес, библиотеката има над 6 000 книги од најразлични жанрови. Исто така, има и детски оддел со стрипови, а има и целосен сектор за научни истражувања. Во неа може да се најдат и книги на англиски и на француски јазик.

Библиотеката се наоѓа во поранешна зграда на фабрика за тули во седиштето на одделот за комунална хигиена.

Книгите што се позајмуваат треба да се вратат во рок од две недели, но тој рок може да се продолжи ако е потребно.

„Од една страна, беа оние кои ги фрлаа своите книги на улиците. Од друга страна, имаше некои кои ги бараа овие книги“, изјави Тасделен.

Колекцијата толку се зголемила, што денес од неа позајмуваат и училишта, образовни програми, па дури и затворите.

„Селските учители од цела Турција бараат книги“, рече градоначалникот. Градските власти вработија и една личност со полно работно време за да управува со библиотеката.

Инаку, во неа има и просторија за оние кои сакаат да седнат и да читаат книга, како и табли за шах. Библиотеката е особено позната меѓу велосипедистите кои возат во близина и прават пауза за краток одмор и шолја чај.

„Порано сакав да имам библиотека во мојата куќа. Сега имаме библиотека тука“, рече 32-годишниот ѓубрар Серхат Бајтамур.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *