Што може да научиме од образовниот систем во Финска?

Од година во година финскиот образовен систем е број еден во светот. Образованието игра клучна улога во човечкиот, социјалниот и економскиот развој. Се смета за основно човечко право, а го подобрува квалитетот на живеење и мирот.

Но, луѓето во неразвиените земји немаат пристап до квалитетно образование, додека во развиените земји луѓето имаат повисоко ниво на писменост и подобро образование. Со самото тоа им се помага на граѓаните од одредени земји подоцна да добијат подобро платени работи и со тоа поквалитетен живот.

Финска редовно се наоѓа на врвот по квалитетот на образовниот систем. Што може Македонија да научи од Финска, на оваа тема?

1. Чести курикуларни реформи

Во нивното школство се спроведуваат курикуларни реформи на секои четири години. На образованието се придава големо значење, затоа се следат резултатите од ПИСА тестирањето, а потоа се осмислуваат реформи. Иако се спроведуваат на национално ниво тие се прилагодуваат и на локално ниво, а наставниците посебно се плаќаат за работата на тие реформи.

2. Опуштена атмосфера

Иако образованието се сфаќа сериозно, како што се наведува на интернет страницата на Финската национална агенција за образование, програмата се темели на „учење низ игра“ со цел децата што помалку бидат изложени на стрес. Затоа често имаат настава на отворено и голем дел од времето во училиште се посветува на игра, забава, дружење и спортски активности. По секој училишен час, кој трае 45 минути, следува одмор од 15 минути.

3. Учителите се ценат и имаат слобода

Во Финска наставниците имаат плати на исто ниво како адвокатите или докторите, а во нивната работа е дозволена максимална слобода. На секој ученик подеднакво му се придава важност, па тие се дополнително платени ако е потребно по наставата да работат со ученици кои имаат проблеми со одреден предмет.

Но, работата на наставникот се проверува и ако не ја врши како што треба ќе биде санкциониран.

4. Помалку домашна работа

Децата во Финска имаат помалку домашни задачи за пишување во однос на нивните врсници во другите развиени земји, а тоа им остава повеќе време за игри и забава, пишува World Economic Forum.

5. Бесплатен оброк и дигитализација

Во Финска не гледаат на дигитализацијата како на нужно зло, па образованието го прилагодуваат на живеењето во 21 век. Децата учат со лаптоп и таблети и им се овозможува бесплатна технологија потребна за учење.

Исто така, сите ученици до факултет имаат обезбеден бесплатен оброк, книги и друг училиштен материјал.

Судејќи по сето ова, изгледа дека имаме многу работи за учење од образовниот систем во Финска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *