Чичаковски, Милев и Дума поднесоа оставки во ДИК

Членовите на Државната изборна комисија предложени од СДСМ, Игор Милев и Виолета Дума си поднеле оставки од своите места во комисијата, потврди Милев за НОВА ТВ.
Како што јавува МИА, оставка поднел и претседателот на ДИК, Александар Чичаковски.

„Утрово со колешката Дума бевме во Собранието и оставките ги поднесовме во архивата“, изјави Милев.

Тој додаде и дека дополнителните надоместоци кои ДИК си ги исплати за прекувремена работа за изборите тој и Дума ги вратиле во Буџетот.

Според Одлуката за исплата на надоместоците за спроведувањето на последните локални избори и Правилникот за определување на надоместоци, донесена на затворена седница на 16 ноември, членовите на ДИК си изгласале бонуси во висина од четири и две дополнителни плати.

Претседателот и членовите на ДИК, Александар Чичаковски, Реџеп Прекопуца, Атанас Урумов, Виолета Дума, Игор Милев, Субхи Јакупи, Сашо Срцев и Силвана Бонева си исплатиле дополнителни четири нето плати.

Бедредин Ибраими, предложен од ДПА, и Асани Салија која седна на неговото место предложена од БЕСА, добиле дополнителни две нето исплатени плати во последниот месец.

За закажаните, а неодржани избори во април минатата година, членовите на ДИК си поделиле три плати. Пет плати бонус, пак, зеле за предвремените парламентарни избори.

Под притисок на јавноста, ДИК минатата недела одржа седница на која членовите на ДИК одлучија парите да се вратат или пак да се донираат.

За разрешување на член на ДИК, односно констатирање на оставката во овој случај, треба да гласаат 2/3 од пратениците во Собранието.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *