Хрватска не го оствари сонот, Шпанија го одбрани европскиот трон

Ракометната репрезентација на Хрватска не успеа да го оствари сонот и да го грабне европското злато, откако во драматично финале загуби од Шпанија (22-20), селекција која го одбрани европскиот трон.

 

 

Мечот за титула го судеа македонските арбитри Николов и Начевски и одлично си ја завршија работата. „Фуријата“ и Хрватите одиграа крајно драматичен натпревар, а во финишот поконцентрирани беа ракометарите на Рибера. Шпанскиот стратег го одбрани европското злато со селекцијата и стана вториот тренер на кого му успеало такво нешто. Хрватите, пак, остануваат без единственото злато кое им фали од големите натпреварувања и понатаму ќе продолжат да го сонуваат најсјајното европско одличје.

Хрватска и Шпанија го почнаа финалето доста борбено и изедначено. „Каубоите“ даваа голем отпор и покрај уморот и пократката ротација, а повторно клучна фигура во ростерот на Лино Червар беше пивотот Мариќ, кој за десет минути запиша два гола и изнуди седмерец.

Двете селекции беа рамо до рамо до 6-6, па следеше подобра игра на Хрватска. Карачиќ и Дувњак профункционираа, успеаја да стрелаат во мрежата на „фуријата“, за предност од 7-10 и тајм-аут за Рибера. Шпанскиот стратег веднаш го промени голманот и одбраната, а тоа донесе резултат.

Перез Де Варгас застана меѓу стативите за првпат на местото на Коралес и одлично ја имаше анализирано Хрватска. Голманот забележа пет одбрани за дванаесет минути, ја задржа Хрватска десет минути без постигнат гол, а тоа донесе целосен кам-бек на Шпанија во мечот и предност на паузата од 12-11.

На стартот на вториот дел Де Варгас продолжи во добар ритам, тоа донесе три гола во низа на младиот Абељо Гомез, за највисоки плус три за Шпанија (15-12), а потоа, Хрватска направи нова грешка, па на спротивната страна казни Кањељас (16-12).

Следеше тајм-аут на Червар, Хрватска врати со два гола (16-14), а кога требаше да се направи главниот исчекор кон кам-бекот, Перез Де Варгас повторно блесна и одбрани напад на „коцкестите“, арно ама поправи Карачиќ, па балканската селекција се врати на еден гол (16-15) на 15 минути пред крајот на дуелот во Стокхолм.

Десет минути пред финишот, Хрватска успеа да погоди преку Мариќ, па изедначи (18-18). Имаше и напад за предност, арно ама не го искористи. По пет минути без гол на обете страни, Хрватска ја врати позитивата преку Степанчиќ, Шпанија возврати преку Гомез и се најави драматични последни пет минути (19-19). Се играше гол за гол, на 100 секунди пред крајот, Гомез погоди од пенал (21-20), а откако Карачиќ направи чекори, погоди Душебаев и го реши финалето.

Најдобар стрелец кај победникот беше Гомез со пет гола, а Македа постигна три, додека кај Хрватска, Дувњак даде пет, Карачиќ реализира четири пати, а Мариќ и Степанчиќ имаа по три гола.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *