ФК Каменица САСА го започна подготвителниот период. Вклучени и играчи од младинските екипи на тимот (ФОТО)

Горан Гоцевски со вчерашната прозивка го означи стартот на подготвителниот период на ФК Каменица САСА во пресрет на новата сезона во Втората фудбалска лига на Македонија.

Како што истакна Гоцевски, амбициите на екипата од Македонска Каменица се продолжување на одличните резултати во пролетниот дел од сезоната и пласман во Првата македонска фудбалска лига.

“Започнуваме интензивен подготвителен период, кога покрај редовните тренинзи на екипата, ќе одиграме и неколку контролни натпревари. Стартуваме без поголеми измени во ростерот, освен Дејан Ангов и Филип Димоски кои заминаа, останатите играчи денеска ги започнаа подготовките со тимот. Ростерот на тимот ќе биде затворен со нов “шпиц” играч” – изјави тренерот Горан Гоцевски

“Она што сакам да го нагласам сега, на самиот почетокот од продготвителниот период е дека вклучуваме, односно даваме простор и можност за развој и докажување на младите играчи од нашата фудбалска школа. Така, покрај досегашните младинци Лазар Стојановски и Филип Николовски, подготовките со првиот тим ги започнуваат и Петар Митревски, Михаил Стаменковски, Леонид Стоиловски и Антонио Гичов” – додаде Гоцевски во изјавата, каде дополни дека “се надевам на успешен подготвителен период, добра форма на сите поединци и тимот воопшто, да продолжиме на добрите резултати, кои ќе ги постигнеме со дисциплина, посветеност во играта, мотивираност и добра форма на екипата”.

Екипата на ФК Каменица САСА есенскиот дел од сезоната 2021/22 го заврши на трето место, со еден бод помалку од екипите на Победа и Слога од Виница, кои го делат првото место на табелата. Ова е една од поуспешните натпреварувачки сезони на каменичани, после златните години на каменичкиот фудбал во деведесетите години од минатиот век. Заедно со каменичката спортска јавност и верните навивачи во публиката, се надеваме дека овој тим на ФК Каменица САСА ќе успее да го врати прволигашкиот сјај на Градскиот стадион во Македонска Каменица.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *