Тренерското деби на Тони Симиќ донесе висока победа на КК Баскет Кам

Македонска Каменица, 30.01.2021 година – Во заостанат натпревар од есенскиот дел на Втората машка кошаркарска лига на Македонија, екипата на Баскет Кам извојува висока победа над КК Куманово.

Со конечни 93:56 поени (47:29 полувреме) и целосната контрола на играта во текот на целиот натпревар се сосема доволен показател дека каменичани на чело со новиот тренер Тони Симиќ се на вистинскиот пат за едно од првите три места на табелата на крајот од сезоната 2020/21.

Задоволни сме од играта на сите поединци. Тимот покажа високо ниво на дисциплина во одбраната и рационалност во нападот. Одигравме добро, тимски, што особено во вториот дел од натпреварот ни даде простор за разигрување на дополнителни тактики и учество во игра на сите играчи од екипата, – изјавија од Баскет Кам по завршувањето на синоќешниот натпревар, кој со почеток од 18:00 часот, без публика на трибините, се одигра во спортска сала во Македонска Каменица

Екипата на КК Баскет Кам се наоѓа на 4. Место на табелата од Втората машка кошаркарска лига на Македонија. Понатамошниот дел од првенството на чело со одличниот стратег Тони Симиќ и натпреварите на домашен терен, во реновираната спортска сала во Македонска Каменица ветуваат сигурна борба во разигрувањето за влез во Првата кошаркарска лига на Македонија.

Поради важечките протоколи за заштита од Ковид 19, натпреварите во сала се играат без публика. За таа цел, нашиот медиум во соработка со КК Баскет Кам, веќе од наредното коло ќе обезбеди директен пренос од натпреварите на домашен и гостински терен.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *