ТЕКСТИЛНИОТ СЕКТОР ЈА ИСПЛАЌА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА

– Работодавците во текстилната индустрија го чекаат одговорот од Владата за замзрнување на придонесите на работниците на кои им се исплаќа плата од 12.000 до 18.000 денари. Претседателката на Кластерот за текстил, Маријана Перковска вели дека нивниот предлог, следуваше по покачувањето на минималната плата на 12.000 денари.

– Одговор се уште нема, но добивме информација дека се работи на тој предлог, затоа што покрај желбата мора да се видат и какви репрекусии ќе има, односно какви импликации ќе има на полнење на буџетот. Но, сметаме дека нема да бидат многу големи зашто тоа се пари, кои нема да бидат заштедени од работодавците, туку пренасочени од работодавецот кон работникот, изјави Перковска.

Според работдавците, минималната плата веќе се исплаќа и тоа не е проблем, туку проблемот лежи во спиралниот ефект од зголемувањето на платите, со што им се наметнува масата на пари за личен доход да ја зголемат за 20 до 30 отсто.

– Веќе се чуствуваат притисоци на другите плати. Не можете вие да очекувате оној кој до вчера имал 10.000 денари, денеска има 12.000 денари, а оној кој што бил со 13.000 денари и имал од минимум од две до три илјади денари разлика дека тој нема да побара покачување на платата, посочи Перковска.

Таа истакна дека во 2018 година текстилниот сектор ќе има за задача да го модернизира производството, да ја зголеми продуктивноста на работниците, но и лон производството да го замени со брендирано производство.

Во моментов, како што вели, најголем проблем им е недостигот на работната сила. Според анализите, просечната старост на текстилните работници е над 45 години. Перковска смета дека се потребни реформи во средното стручно образование и тоа во делот на практичната настава, со цел младите да се мотивираат да останат во реалниот сектор.

Во штипските текстилни конфекции во секој момент има отворени и непополнети 100 работни места.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *