Средби со приватниот сектор и институциите за повисоко ниво на заштита после првите позитивни Ковид 19 случаи во Македонска Каменица

Македонска Каменица, 28.07.2020 година – Со оглед на новонастанатата состојба и појавата на првите позитивни случаи од Ковид 19 во општина Македонска Каменица, Општинскиот штаб за заштита и спасување презеде редица мерки и активности за дополнителна заштита и спречување на ширењето на коронавирусот.

Во таа насока, покрај извршените редовни и вонредни дезинфекции на јавните простори во градот, вчера беа одржани и одделни состаноци со претставници на угостителскиот сектор, производствените субјекти, како и од трговската мрежа и услужните дејности.

Состанокот го водеше градоначалничката Соња Стаменкова како шеф на Општинскиот штаб за заштита и спасување (ОШЗС), заедно со претставници на ДПИ и МВР. Единствена тема на разговор во текот на работните средби беше, актуелната состојба со Ковид 19 во општината, како и потребата од строго почитување и придржување кон протоколите и мерките за заштита.

Во текот на расправата, градоначалничката Стаменкова најпрвин ја истакна сериозноста на ситуацијата со појавата на првите позитивни случаи од Ковид 19 во нашиот град. Притоа, упати апел до сите граѓани на општина Македонска Каменица за почитување на мерките за заштита, напомнувајќи дека со носењето наски и држењето на минимално потребно растојание од 2 метри, сите заедно можеме значително да допринесеме во спречувањето на ширењето на заразата. Од присутните претставници на приватниот сектор и институциите побара строго почитување на пропишаните протоколи, пред се за заштита на нивното лично зравје, зравјето на најблиските и здравјето на сите граѓани.

Претставниците од ДПИ и МВР во Општинскиот штаб за заштита и спасување Македонска Каменица заедно со присутните угостители, приватните стопанственици, претставниците на трговската мрежа и услужните дејности уште еднаш разговараа за нужните потреби од придржување кон протоколите за работа, нивно строго спроведување, како и санкциите кои следуваат доколку се забележат неправилности во работењето. Во текот на расправата беа изнесени и одредени забелешки за недоследности во дел од протоколите за работа. Претставниците на институциите одговорија дека истите ќе бидат разгледани и усогласени според можностите и потребите, со цел сите заеднички да си помогнеме и да се заштитиме во борбата и справувањето со коронавирусот.

Заклучно со вчера, 27.07.2020 година, во општина Македонска Каменица се потврдени вкупно 4 позитивни случаи на Ковид 19. Лицата позитивни на Ковид 19 се наоѓаат во изолација и се во добра здравствена состојба.

Во текот на вчерашниот ден, за моменталната здравствена состојба на лицата позитивни на Ковид 19, како и општата состојба со коронавирусот во општините Македонска Каменица и Делчево своја изјава за медиумите даде и директорката на Здравствениот дом „Гоце Делчев“ – Делчево.

Во изминатиот период, од почетокот на коронакризата општина Македонска Каменица, преку работата на Општинскиот штаб за заштита и спасување и мобилните тимови врши постојана поддршка на ранливите категории на граѓани и социјално загрозените семејства. Исто така, општина Македонска Каменица подели  над 11 илјади заштитни медицински маски во институциите и граѓаните. Врши редовна дезинфекција на сите фрекфентни јавни простори и заеднички простории во станбените живеалишта, додека за жителите од индивидуалните живеалишта бесплатно добиваат средства за дезинфекција.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *