СРЕДБА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КОЧАНИ СО ДЕЛЕГАЦИЈА НА ШВАЈЦАРСКАТА АМБАСАДА ВО МАКЕДОНИЈА

Средба на градоначалникот на Кочани со претставници на швајцарската амбасада

07.XI.2017 (kamenica.mk) – Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев денеска се сретна со претставници на швајцарската амбасада во Македонија, со цел запознавање на проектите на амбасадата на локално и регионално ниво.

На средбата беа разменети информации за проектната организација и за функционирањето на Проектот за третман на отпадни води и на неговите компоненти, моментно како еден од најголемите проекти финансиран од Швајцарија.

Претставниците на амбасадата разговараа и за утврдување на новите тарифи за водни услуги, барање поднесено од КЈП „Водовод“ што се наоѓа пред Регулаторната комисија.

Според Илијев и најмалата промена на цената на водните услуги негативно ќе влијае на расположението на потрошувачите. Илијев истакна дека изградбата на Пречистителната станица е проект на идните генерации, но тешко е на луѓето да им се зборува за иднината кога имаат лоша сегашност. Сепак, за доброто на идните генерации тој ја нагласи целосната поддршка во реализацијата и се заблагодари за капиталниот проект поддржан од Швајцарија.

Градоначалникот и претставниците на швајцарската амбасада го посетија градилиштето во село Мојанци, каде утврдија дека Пречистителната станица е во градежна фаза, а се гради и главниот колектор што ќе ја одведе отпадната вода од градот до станицата. Ако работите се одвиваат според планот, до крајот на 2018, Пречистителната станица ќе биде пуштена во работа.

На средбата се разговараше и за идните можни проекти, развојот на Пониква како ски-центар и за искористувањето на геотермалните води за бањски центар. 

Извор: МИА

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *