Советот на општина Делчево доби уште еден независен советник

Советничката група на опозициската коалиција предводена од ВМРО –  ДПМНЕ во Делчево денеска остана уште без еден советник. Советникот Вице Стоиловски од ГРОМ, на денешната, 14 Седница на Советот, со изјава поднесена до претседателот на делчевскиот Совет, Драган Маневски, истапи од коалицијата на локално ниво. Во изјавата Стоиловски потенцираше дека во иднина во Советот ќе делува како независен советник.
Стоиловски е втор советник од делчевскиот Совет кој ја напушта опозициската коалиција предводена од ВМРО – ДПМНЕ. Пред два месеци, советникот од ВМРО НП, Николчо Ситновски , исто така, ја напушти коалиција.

Распоредот на силите во Советот од денеска се : 5 советници од коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ, два независни советници и 8 советници од владејачката коалиција на СДСМ.

Инаку, на денешната 14 Седница на Советот на Општина Делчево  беше донесена Одлуката  за измена на распоредот на средствата во Буџетот на Општина Делчево за 2018 година. Анка Христова од Одделението за финансии и буџет во своето образложение истакна дека со Одлуката за измена на распоредот на средствата на Буџетот на општина Делчево за 2018 година е извршено распоред на средствата на сметката за донација за проектот „Енергетски ефикасно осветлување во регионот Благоевград-Делчево“ финансиран од ИПАкомпонентата за прекугранична соработка, Република Македонија-Република Бугарија.

Пренамената е изготвена заради помалку пресметаните средства на погоренаведените конта и повеќе планираните средства на 482110, кои беа предвидени и во буџетот за 2017 година. Истите мораше да ги предвидиме и во буџетот за 2018 година, бидејќи се до донесувањето на буџетот за 2018 година средствата не пристигнаа, туку истите беа пристигнати и исплатени на крајот на буџетската година. Исплатите за проектот по сите основи треба да бидат завршени на 16.10.2018 година, и затоа е потребно донесување на Одлуката од страна на Советот на општината, со цел навремено сервисирање на извршените работи како и исполнување на обврските спрема донаторот, согласно динамиката на проектот и навремено затварање на проектот, рече Христова.

Советниците донесоа и одлуки од областа на урбанизмот, како и Одлука за дополнување на Програмата за поставување урбана опрема на територијата на град Делчево со намена самостоечки рекламни паноа и информативни табли.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *