Сливијада 2018 – празник на сливата во Делчево

На тринаесет штандови богати со најразлични вкусни производи од сливи денеска се славеше традицијата. На едно место се вареше ракија, се подготвуваше мармалад и слатко, а се дегустираа и вкусните производи обогатени со сливи и изложени на продажните штандови. Во манифестацијата се вклучија сите образовни институции во Делчево, децата од Дневниот центар, локални институции, а учениците од СОУ „М.М. Брицо“ подготвија и ликовна колонија на тема „Пијанечка слива“. Свои производи на штанд понуди и најголемиот откупувач и преработувач на овошје во регионот „Рудине ММ“, како и ЗФГ „Копачка “ од с. Драмче, „Пијанечка пчела два“, како и физички лица.

Од изложеното богатство, Комисијата одлучи наградата за најубаво уреден штанд во знакот на сливата на овогодинешните „Пијанечки денови на сливата“ да ја додели на учениците од ООУ „Св.Климент Охридски“ од Делчево кои смогнаа сили и својот штанд покрај вкусните и убаво декорирани производи од сливи, на лице место, вареа и слатко од слива. Наградата е во износ од 3 илјади денари, додека наградата за највкусен мармалад ја поделија Слобода Јовановска и ЗФГ „Копачка“ од с. Драмче.

Епитетот највесела ракија, годинава ја заслужи ракијата произведена од Тихомир Маринков. Тој доби 12 илјади денари, а 8 илајди денари отидоа кај Јован Медарски. Останатите двајца учесници, Стојмир Мицевски и Ѓорѓи Јовановски добија по 2 илјади денари за учество и збогатување на манифестацијата.

Со денешната манифестација сакаме да покажеме дека сме горди на трудот на сливарите, на производство и на традицијата, истакна во своето обраќање градоначалникот Горан Трајковски. Тој додаде дека традицијата на производство и преработки од сливата е од дамнина и овој ден обединува генерации и генерации делчевци.

– Производството на сливи во Пијанец во својата историја бележи многу подеми и падови во оваа гранка, но сливата опстојувала под различни искушенија, било од природата, било од некои други објективни или субјективни причини. Затоа, верувам дека овоштарството во регионот има иднина, а со поддршка од најразличните ЕУ-фондови, ИПАРД- програмата, субвенициите од државата, може да создадеме планско производство, да го осовремениме, да создадеме услови за нови преработувачки капацитети, а со влезот на земјава во семејството на ЕУ, се отвора пазар од 500 милиони потрошувачи или 250 пати поголем од пазар од нашиот домашен. Овде ќе потенцирам дека само за 2019 година за земјоделството во Македонија имаме на располагање 15 милиони евра европски пари, износ ќе се зголеми многукратно со евроатлантската интеграција на Македонија, рече Трајковски.

Според истражувањата на пијанечкиот Цепенков, Димитар Узунски, посебно е карактеристичен периодот на почетокот на 20 век, кога се создале големи бавчи со сина слива.

-Расадот е донесен од Банско- Бугарија, затоа и е наречена банска слива. Потоа, овоштарите сами почнале да си произведуваат насади. Сината слива ја имало толку многу што останувала необрана и до паѓањето на првиот снег. Во тој период, до 1940 година, се изградени многу сливарски фурни за печење на сината слива, истакнува Узунски.

Манифестацијата беше збогатена со настап на децата од детската градинка „Весели цветови“, играорците од ФГ „Никола Јонков Вапцаров“, од КУД „Вера Јоциќ“ од М. Каменица, од КУД „Гоце Делчев“, како и настап на пејачката група „Ѓурѓа“.

Во Пијанец има 252 илјади садници со сини сливи засадени на околу 650 хектари. Годинава произведени се рекордни 12 илјади тони

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *