Се што треба да знаете за имунизацијата против морбили

Прогласена е епидемија на морбили низ целиот свет, така што голем број луѓе се загрижени.

Со оглед на насоченото внимание околу морбилите, еве што треба да знаат луѓето кои сметаат дека се вакцинирани.

1. Ја добив вакцината пред 30 години. Дали и понатаму сум заштитен?

Да, според центрите за контрола на болести и превенција (ЦДЦ), компонентата на МРП-вакцината обезбедува доживотна заштита.

Една доза од МРП-вакцината заштитува од морбили со 93 отсто ефикасност, две дози заштитуваат со 96-97 отсто ефикасност.

Советодавниот комитет за практики на имунизација започна да препорачува две дози од МРП-вакцината во 1989 година како одговор на појава на сипаници кај деца што биле вакцинирани само со една доза.
vakcina
Фото: AP

2. Не сум сигурен дека добив две дози од вакцината. Дали ми е потребна уште една вакцина?

Засегнатите лица треба да се јават кај нивниот лекар за препораки за тоа како да се постапи понатаму. ЦДЦ препорачува да се побараат докази за имунизација: писмена документација за вакцинација; една или повеќе дози на вакцина ставена по првиот роденден кај децата од предучилишна возраст и возрасните лица што не се со висок ризик; две дози на вакцина за деца од училишна возраст и возрасни лица со висок ризик, вклучувајќи ги универзитетските студенти, здравствениот персонал и меѓународните патници; лабораториски докази за имунитет; лабораториска потврда.

Истражувањето покажа дека 95 до 98 отсто од лицата родени пред 1957 година биле изложени на морбили како деца, со што доживотно имаат природна заштита.

3. Немам записи за имунизација и не сум сигурен дека добив една доза. Што да правам?

Разговарајте со здравствено лице, може да ви е потребна вакцина. ЦДЦ препорачува сите лица родени по 1957 година да бидат вакцинирани. ЦДЦ ја дава следната препорака за возрасни вакцинации против морбили: – Возрасните што немаат докази за имунизација треба да добијат барем една доза од МРП-вакцината.

4. Дали некои луѓе не треба да бидат вакцинирани?

Да. ЦДЦ препорачува да му кажете на здравственото лице од кое ја примате вакцината ако:

– Имате тешки, опасни алергии на кој било дел од оваа вакцина;
– Сте бремена или мислите дека сте бремена;
– Имате ослабен имунолошки систем (како што е рак или ХИВ/СИДА) или медицински третмани како зрачење, имунотерапија, стероиди или хемотерапија;
– Имате член на семејство со историја на проблеми со имунолошкиот систем;
– Некогаш сте имале состојба што ви предизвикала лесно помодрување или крвавење;
– Неодамна сте имале трансфузија на крв;
– Имате туберкулоза;
– Сте примиле други вакцини во изминатите 4 недели;
– Не се чувствувате добро.

5. Дали постои нешто друго што би можел да го направам, освен вакцинацијата?

Вакцинацијата е единствената најдобра превентивна стратегија за избегнување зараза со морбили. Како што е случај со сите заразни инфекции, соодветни хигиенски практики, самоизолација додека сте болни и избегнување контакт со болни лица се корисни практики за спречување на ширење на болеста.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *