Се чистат диви депонии во Делчевско

Се чистат диви депонии во Делчевско

Делчево, 18 декември 2017 (kamenica.mk)
ЈПКД „Брегалница“ од Делчево интензивно работи на чистење на дивите депонии во градот и околината. Директорката на ЈПКД „Брегалница“, Розетка Цонева, истакна дека се лоцирани шест диви депонии, а акцијата се одвива во соработка со Општина Делчево и надлежниот инспекторат.
– Досега се исчистени две диви депонии, депонијата кај мостот на реката Брегалница во индустрскиот дел од градот и депонијата за градежен шут Ралева Чука. Остануваат уште депониите кај Попов мост, кај манастирот св. Богородица Балаклија, кај Очипалска Река и кај Црквенска Река. Бидејќи на овие локации има најразличен комунален отпад и шут, мора да се користи и соодветна механизација, а отпадот потоа се транспортира и се депонира на главната депонија, рече Цонева.
Таа апелира до граѓаните за поголема свест за чистата животна средина.
– Јас ги повикувам граѓаните да ја почитуваат животната средина, да не депонираат најразличен отпад на овие црни точки за животната средина кај нас, бидејќи редовно се случува ние да ги исчистиме локациите, а другиот ден повторно да најдеме депониран отпад. Дивите депонии се потенцијална опасност од зараза, но и го нарушува изгледот на градот, посебно локациите кои сами си ги одбрале за депонии, како што се туристичките локалитети, на пример патот за Голак и манастирскиот комплекс Св. Богородица Балаклија“, истакна Цонева.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *