Се одржа средбата на врвот „Сива Кобила“

Македонска Каменица, 18. Август 2019 – Во организација на ЕД „Здравец 2002“ од Македонска Каменица, на граничната линија со Република Бугарија кај Сива Кобила (1416 н.м.в) во село Косевица, за прв пат се одржа прекугранична средба „Балкан без граници“. На оваа средба присуствуваа неколку стотици граѓани од Македонска Каменица, Кочани, Виница, Делчево и поширокиот источен регион. Изостанаа учесниците од Република Бугарија, кои поради административни проблеми околу тамошните законски регулативи останаа без дозвола за движење во пограничниот појас. Единствен начин да присуствуваат на настанот беше да пристигнат преку Граничниот премин „Делчево“.

поглед од врвот Сива Кобила кон Македонска Каменица и Калиманско Езеро
*поглед од врвот Сива Кобила кон Македонска Каменица и Калиманско Езеро

На настанот, заедно со претставници на локалната самоуправа, присуствуваше и градоначалничката на општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова која ја поздрави оваа иницијатива и организација од страна на ЕД „Здравец 2002“, преку која Македонска Каменица ќе се најде на мапата за посети, кај многубројни ентизијасти и планинари од регионот и Република Бугарија. Додаде дека, Македонска Каменица има одлично искуство во организирање на вакви настани од досегашната прекугранична средба на врвот Руен (2252), која се одржува повеќе од една деценија. Истото ќе биде пренесено и овде на Сива Кобила и Рамна Вода, со што во иднина, со поддршка од општина Македонска Каменица, оваа средба ќе прерасне во масовен настан и убава традиција, на која се поголемо учествуво ќе земаат граѓаните од целиот источен регион, како и граѓани од пограничните места во соседна Република Бугарија.

Организаторот на средбата и претседател на ЕД „Здравец 2002“ од Македонска Каменица, Миран Митревски наведе дека е презадоволен од одзивот за денешниот собир. Сива Кобила е прв пат на мапата на прекугранични средби. Во изминатите 15 години, ЕД „Здравец 2002“ е дел од организацијата на неколку прекугранични средби, што како искуство е доволно за овој настан да прерасне во една поголема манифестација, значајна како за населението за двете страни од границата, така и за општина Македонска Каменица, како туристичка дестинација за поширокиот регион.

Присутните на денешниов настан пристигнаа со моторни возила, џипови, кроз-мотори и трактори, но имаше и такви кои овој прекрасен планински врв на одддалеченост од Македонска Каменица на приближни 20 километри го освоија пеш.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *