Село Моштица: Крупен добиток пуштен на слободна испаша причинува огромни штети врз имотите

Македонска Каменица, 16.12.2020 година – Жители од село Моштица се згрозени од појавата на крупен добиток пуштен на слободна испаша во атарот на селото. Оваа појава според кажувањето на мештаните трае подолг временски период и настанатата штета врз градинарските култури и овошните насади е од поголеми размери.

  • Постојано реагираме до надлежните и неколку пати ја имаме пријавено оваа појава. Решение на проблемот се уште нема, а штетите се големи. Совесноста на дел од сожителите од нашето село, сепак е на многу ниско ниво. Селото е полно, младите остануваат тука, но ваквите проблеми ги потиштуваат сите жители на нашето село – рече во изјавата жителка на село Моштица

Село Моштица во последните години е една од попримамливите дестинации и за жителите на општина Македонска Каменица за изградба на свои живелаишта и викендици.

  • Повеќе грла на крупен добиток, секојдневно се напасува без надгледување од стопан. Страдаат градинарските култури, како и овошните насади. Не е ретка појавата кога сме приморани самите да го отстрануваме добитокот од нашите дворови, – вели друг револтиран жител на село Моштица.

Од непознати причини за нас, жителите на село Моштица, одлучија и овој пат да не го откријат идентитетот на сопственикот на добитокот. Тие во неколку наврати ги имаат запознаено надлежните со оваа појава и се надеваат дека, оваа реакција ќе биде доволен аларм кај надлежните за постапување и решавање на овој проблем кој ги тишти сите жители на селото.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *