САСА ја прекина соработката со досегашниот тренер, нов шеф на стручниот штаб е Горан Гоцевски
Македонска Каменица, 11. Октомври 2023 година – Како причина за прекинот на соработката со досегашниот тренер, Баже Јанакиевски од клубот ги наведуваат незадоволителните резултати во досегашниот дел од првенството. Нов шеф на стручниот штаб на клубот е Горан Гоцевски.
– Ги анализиравме постигнатите резултати од почетокот на сезоната и од причина што истите не се на задоволително ниво, клубот донесе одлука за смена на досегашниот тренер. Независно од сите напори, квалитети и посветеноста во досегашната работа во клубот, постигнатите резултати, не се на ниво со нашите очекувања и амбиции, – истакнаа од клубот, од каде додадоа дека за нов тренер и шеф на стручниот штаб на ФК Каменица Саса е назначен Горан Гоцевски.
Горан Гоцевски е поранешен тренер и фудбалер на ФК Каменица Саса. Последен пат, Гоцевски ја водеше Саса во натпреварувачката 2021/22 сезона. Во Саса доаѓа од клупата на ФК Осогово, каде беше ангажиран како помошен тренер. Како фудбалер, покрај настапите за младинските состави на својот матичен клуб, Гоцевски има настапувано и за ФК Пирин од Благоевград во соседна Бугарија.
– Веруваме во изборот на нов шеф на стручниот штаб на Саса, кој ја има нашата целосна поддршка. На нашиот нов тренер и сограѓанин, му посакуваме многу успеси во водењето на клубот. Со посветена работа со тимот, да имаме многу победи во натпреварите од првенството. Се надеваме на уште посилна поддршка и од нашата верна публика, која несомнено ќе му биде потребна на клубот, за да се врати на стазите со успех. Благодариме за безрезервната поддршка и веруваме дека заедно ќе успееме да го оствариме нашиот заеднички фудбалски сон, – изјавија од ФК Каменица Саса.
На досегашниот тренер Баже Јанакиевски, му упатуваат благодарност за ангажманот и заложбите и му посакуваат успех во неговата понатамошна тренерска кариера.