Рекорден број луѓе ќе умираат поради топлотните бранови кои ќе ја „печат“ Земјата

Ново истражување дава прво предвидување за тоа како повеќе топлотни бранови, како онoj што ја погоди Европа оваа година, ќе влијаат на стапката на смртност, посочувајќи дека тропските топлотни бранови во некои области еден ден би можеле да ја зголемат стапката на смртност дури и за околу 2.000 проценти.

Како што температурите се зголемуваат, телата се прегреваат и шансите за сурови услови во животната средина (како појава на смог) се зголемуваат. Ништо од ова не е добро за нашето здравје, а некои луѓе не можат да ги поднесат честите летни топлотни бранови.

Минатиот месец во Монтреал, како причина за смртта на 70 луѓе беше наведено зголемувањето на температурите. Со оглед на тоа што глобалното затоплување ги прави овие временски услови сѐ почести, важно е да се разгледа како сето ова ќе му наштети на нашето здравје.

-Загрижувачки, истражувањата покажуваат дека е многу веројатно дека ќе има зголемување на нивната фреквенција и сериозност во услови на клима која се менува. Сепак, доказите за влијанието на смртноста на глобално ниво се ограничени – вели ко-авторот на студијата, Антонио Гаспарини од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина.

Заедно со меѓународен тим на истражувачи, Гаспарини создаде база на податоци за дневни мерења на температурите и смртноста од почетокот на 1984 до крајот на 2015 година за 412 заедници низ целиот свет. Тие ги искористија овие податоци за да ги предвидат стапките на смртност.

-Ова истражување, најголемата епидемиолошка студија за предвидените влијанија на топлотните бранови во услови на глобално затоплување, сугерира дека би можело драматично да се зголеми стапката на смртност поврзана со топлотните бранови, особено во густо населените тропски и суптропски земји – вели Гаспарини.

До 2080 година, постои шанса дека Колумбија би можела да забележи зголемување на бројот на смртни случаи предизвикани од топлотните бранови од повеќе од 30 пати од денешните броеви. За Бразил и Филипините, бројките се само малку помалку загрижувачки, околу 10 до 20 пати повеќе од сегашната стапка на смртност. Големите градови во САД и Австралија би можеле да искусат најмалку четири пати поголем број на смртни случаи.

-Добрата вест е дека ако ги ублажиме емисиите на стакленички гасови во согласност со Парискиот договор, тогаш предвиденото влијание ќе биде многу намалено – вели Гаспарини.

Исто така, населението сигурно ќе продолжи да се прилагодува на зголемувањето на температурите.

Урбанистичкото планирање би можело да обезбеди инфраструктура за поладни услови за живеење и работа. Здравството би можело да се прилагоди и да интервенира порано во услови кога топлотниот бран носи ризици. Луѓето би можеле да станат посвесни за опасностите и да го сменат однесувањето.
Фото: Pixabay

Но, дури и со најдобро сценарио, во кое земјите би се придржувале до Парискиот договор и би ги сфаќале топлотните бранови доволно сериозно за да ги спроведат програмите, може да очекуваме удвојување на смртните случаи во некои тропски земји.

Тоа не е толку лошо колку што може да биде, но сепак значи дека можеме да очекуваме повеќе смртоносни лета како овогодинешното.

Реално, здравствените програми и промените во инфраструктурата нема да бидат универзални, а владите не се баш обединети во нивниот став за климатските промени. Кај земјите во развој или нациите со нееднакво распределување на богатството може да има помала веројатност да се спроведат владини политики кои ќе посветат парични средства за намалување на влијанието на топлотните бранови.

Без разлика како гледаме на тоа, нашата планета која се затоплува, ќе биде смртоносна, особено за сиромашните и за болните.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *