ПРОЧИСТЕНО Е РЕЧНОТО КОРИТО НА КАМЕНИЧКА РЕКА. СОСТОЈБАТА СЕ НОРМАЛИЗИРА, ЕКИПИТЕ НА ЈП “КАМЕНА РЕКА” ОСТАНУВААТ НА ТЕРЕН

Македонска Каменица, 13.01.2021 година – После обилните дождови во државата, водостојот на реките во крајниот Исток беше на критично ниво, односно Каменичка Река и Брегалница беа пред излевање.

На одредени критични места, долж течението на Каменичка Река, постоеше опасност од излевање и предизвикување на огромни штети врз имотите на локалните жители од овој дел на општина Македонска Каменица. Самиот факт дека во Калиманско Езеро се влеваа 35 м/3 во секунда говори за серионоста на ситуацијата со надпросечниот водосрој на реките Каменичка и Брегалница.

Навремената реакција на екипите на ЈП Камена Река спречи излевање на Каменичка Река во нерегулираниот дел на речното корито. Критична беше состојбата во село Саса, каде поголем број на индивидуални куќи се наоѓаат во непосредна близина на реката. Од Јавното претпријатие истакнуваат дека екипите постојано се на терен. Целосно е вклучена целокупната механизација и сите расположливи човечки ресурси на претпријатието. Денес, состојбата е нормализирана. Дури по прочистувањето на водотекот, Каменичка Река е вратена во своето корито.

Се надеваме на остварување на прогнозите на УХМР за престанок на врнежите. Нашите екипи остануваат на терен, се до целосно нормализирање на состојбата со зголемениот број на камени одрони на локалните патишта и спречување на можноста за излевање на Каменичка Река од своето корито, – дополнуваат од ЈП Камена Река

Од општина Македонска Каменица, каде во функција на граѓаните беа ставени телефони за контакт при потреба од интервенција и помош дополнуваат дека, будно ја следат состојбата. Преку работата на Јавното претпријатие ја контролираме состојбата со водостоите на реките, суводолиците и потоците на целата територија на Општината. Апелите и предупредувањата за редуцирано и внимателно движење покрај сите надојдени водотеци на територијата на Македонска Каменица остануваат во важност, – дополнуваат од Општината.

Во временската прогноза објавена од УХМР стои дека наредниот период треба да очекуваме постудено време, со пониски утрински и дневни температури, како и зголемена можност за паѓање на снег, како на повисоките така и на пониските места.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *