Приказна од мојот крај: Трет дел од приказната за убиството на Усеин Чауш во Чорбаџиско маало, с. Луковица

По враќањето дома во Луковица, Стоимен со својата фамилија од судењето во Пехчево продолжиле колку – толку со нормалниот живот и секојдневие. На својот имот имале неколку помошници “измеќари” со кои заедно продолжиле да ги обавуваат секојдневните активности. Сите биле свесни дека најлошото поминало, но стравот од одмазда кај сите дома бил голем.img_20161105_203631
Од друга страна пак од фамилијата на Усеин Чауш биле свесни дека Судот во Пехчево до крај не го расчистил убиството на Усеин Чауш само со бесењето на Ампо и неговиот измеќар. Знаеле дека до целосната вистина фалеле неколку нишки. Полека дознавајќи ја вистината од локалните кодоши и склопувајќи ги коцките се повеќе биле сигурни дека убиството било извршено во куќата на дедо Стоимен, така тие набрзо веднаш после само неколку денови дошле “по крвта”. Испратиле тројца најдобри стрелци што ги имале да убијат некој од чорбаџиската фамилијата за да ја вратат својата крв (познат исламски обичај – крв за крв). Стрелците пристигнале и веднаш се поставиле над куќата на дедо Стоимен кај местото викано “Шарената Крушка”. Не чекале долго додека еден од измеќарите на имотот излегол на видно место, веднаш бил стрелан. Бил погоден со еден куршум. Два дена се борел со здобиената прострелна рана во пределот на половината по што умрел бидејќи и немало услови за некоја посебна медицинска помош и нега во тој период од годината. За цело време додека лежел на постела измеќарот во полусвесна состојба, веќе бладајќи ги повторувал истите зборови “мене ме гаѓаа со три пушки од кај Шарената Крушка, од таму ме погодија…” (местото Шарена Крушка е веднаш под денешното Поливачко маало). Измеќарот тој ден инаку требало да биде пуштен да си оди дома на неколку денови, да се види со своите и пак да се врати на имотот. Но, заради болест на некој од домашните т.е болест на некој од синовите на Стоимен, судбината сакала тој да остане уште еден ден на имотот кај чорбаџиите за да им помага околу прехранувањето на добитокот во зимата која веќе поминувала. Тој ден бил кобен за него и за целата чорбаџиска фамилија која со години продолжила да живее во страв од одмазда и нови зулуми како од Турците, така и од Комитите.
Стрелците веднаш по успешната одмазда тивко се повлекле и заминале во Габрово – родното место на Усеин Чауш, каде ја однеле “радосната” вест за нив дека “крвта на Усеин Чауш е вратена”. (крај)

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *