Пожар на стрниште кој се проширил на близок билборд беше причина за привремен застој на сообраќајот на патот Штип – Кочани, помеѓу селата Облешево и Тркање.
Ова е само еден од стотиците пожари на стрништа кои пожарникарите од регионот ги гаснат последниве неколку денови, а кои се директна опасност за околината:
„Минатата недела гасневме пожар во блиизна на три викендици и со голем напор успеавме да спречиме негова ескалација“, кажа Благој Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.
Само овој месец, во кочанско бројот на пожари е зголемен тројно во однос на минатиот февруари:
„Во февруари имавме 64 интервенции, а лани истиот период, нивниот број беше 25“, кажа Паунов.
Неделава, на сличен проблем реагираа и штипските пожарникари кои за седум дена гаснеа дури 27 пожари, однсоно по три дневно.
Поради ова, по којзнае кој пат пожарникарите упатуваат апел до земјоделците:
„Апелот е стандарден да се внимава при палњето на сувата трева бидејќи имаме ветер и може да дојде до поголеми штети“ , истакна Тони Атанасов, командир на ТППЕ – Штип.
Моменталната состојба не ветува дека земјоделците имаат намера да ги слушнат апелите на пожарникарите . Досега во намерата да ги палат стрништата не ги разубедија ниту казните од 1.000 – 2.500 евра.
Причината веројатно лежи во тоа дека досега никој не е казнает за палење на стрништа, па се се сведува само на тоа дека пожарникарите си зборуваат – стрништата си горат. Виновниците и оние кои треба да ги казнат , гледаат сеир.