Претстојниов викенд ќе се одиграат дури седум дерби фудбалски натпревари

Борусија Дортмунд фанови

По репрезентативната пауза од две недели, фудбалските фанови се подготвени да се вратат на оној повозбудливиот, клупски фудбал.

Оваа сабота и недела ќе се одиграат дури седум дерби средби, а викенд лудилото ќе започне со дербито помеѓу Ливерпул и Евертон в сабота со почеток од 13.30 часот. Два часа подоцна се игра дербито на Рур, во кое Борусија Дортмунд ќе се соочи со Шалке 04.

Вечерниот термин е резервиран за финалето на францускиот Лига Куп и борбата за титулата во која ПСЖ ќе игра против Монако на Леонардо Жардим. Во 21.30 часот е закажано португалското „О Класико“ во кое Бенфика ќе го пречека Порто пред кого брани еден бод предност на табелата.

В недела со почеток од 14.30 часот се игра холандското дерби во кое Феенорд му гостува на Ајакс и со победа практично ќе може да започне да ја слави титулата. Од 18.00 часот Арсенал и Манчестер Сити ќе водат борба за место во Лигата на шампионите, а тоа е натпревар во кој една од екипите може да се збогува од борбата за титулата.

За крај на богатиот фудбалски викенд, Наполи ќе го пречека Јувентус, а домашните навивачи со големо нетрпение го очекуваат враќањето на „предавникот“ Гонзало Игуаин. Безбедноста на стадионот во Неапол ќе биде како никогаш досега, а цел фудбалски свет посакува да види како ќе биде пречекан аргентинскиот напаѓач и поранешен миленик на публиката.

Ова е само почеток на месецот, кој ќе биде исполнет со голем број на дерби средби во европските првенства, но и во европските клупски натпреварувања.

Извор: gol.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *