Погледнете во кој дел од Македонија најтешко се живее?

Во североисточниот регион во Македонија се живее најтешко поради стапката на невработеност од 42,2% којашто е многу повисока во однос на сите други региони, покажува најновата анализа на Институтот за економски истражувања и политики FinanceThink.mk .
 
“Југозападниот регион е втор регион во којшто се живее најтешко, како резултат на тоа што секој трет жител на овој регион е невработен. Дури 36 од 1.000 домаќинства што живеат таму се издржуваат со помош на државата.

Во вардарскиот, југоисточниот и источниот регион се живее полесно, пред сѐ поради стапките на невработеност од 21,6%, 16,4% и 14,1%, соодветно, кои се пониски од националната стапка на невработеност од 23,7%“, укажуваат податоците од анализата.
Најлесно се живее во полошкиот регион. Тоа најмногу се должи на малиот број домаќинства приматели на социјална помош, а коефициентот на старосна зависност има најмала вредност во однос на сите други региони, што значи дека во Полог живее најмладо население.
Анализата покажува дека и регионот на Пелагонија се карактеризира со стапка на невработеност од 19%, којашто е пониска од националната стапка, но коефициентот на старосна зависност од 45,5 покажува дека таму живее најстаро население.
 
Скопскиот регион е единствен во којшто просечната исплатена нето плата од 26.243 денари е повисока од просечната исплатена нето плата во земјава. За споредба, источниот регион се одликува со најниска исплатена нето плата од 16.701 денар, како резултат на тоа што во овој регион најголем дел работници се во текстилната индустрија, која со години исплаќа најниски (минимални) плати.

Leave a Reply

Your email address will not be published.