Писмото на МПЦ-ОА утре пред БПЦ

Светиот Синод на бугарската црква утре ќе заседава на зимскиот Собор на кој е најавено разгледување на писмото од МПЦ со барање МПЦ да ја препознае и признае БПЦ како Мајка-Црква, а БПЦ да ја признае автокефалноста на МПЦ.

Потписниците, пак на писмото за поддршка до светиот Синод на Бугарската патријаршија да биде црква мајка на МПЦ ОА, која ја покренаа бугарските интелектуалци,  за утре најавија тивко бдеење пред синодот во Софија. Бугарската Православна Црква треба да даде позитивен одговор на писмото на Македонската православна црква, изјави професорот Калин Јанакиев во емисијата “Вера и општество” на Бугарската национална телевизија.

Според него, нема ништо лошо во тоа црквата во Македонија, која со децении беше во болна изолација, да го искористи овој погоден момент кога национализмот од двете страни на границата се намалува.

„БПЦ треба да биде неверојатно радосна дека треба да придонесе за отстранување на изолацијата на нашите духовни браќа од Македонија. Тие се жива црква која мора да се отстрани од изолација. Наша должност е БПЦ да даде позитивен одговор”, вели Јанакиев.

Официјалното барање на МПЦ ги содржи заклучоците од седницата на Синодот одржана на 9 ноември и барањето – со потпишување согласност од поглаварите на двете цркви, МПЦ да ја препознае и признае БПЦ како Мајка-Црква, а БПЦ да ја признае автокефалноста на МПЦ, која ја оспоруваат сите помесни православни цркви, пред сè, Српската, но и Руската православна црква. Од МПЦ немаат став за очекувањата од утрешниот Собор на БПЦ.

„Нема да коментираме за очекувањата, тоа што имавме да го кажеме го кажавме во писмото и оттука натаму одлуката е во рацете на БПЦ“, кратко одговори за ТВ 24 владиката Тимотеј.

Владиката Наум во интервју за БГНЕС, објаснува дека од моментот кога БПЦ ја признава автокефалноста на МПЦ-ОА, двете Цркви стануваат „сестрински Цркви“, што значи дека ќе бидат рамноправни, но улогата на БПЦ како „мајка Црква“ тука не престанува во однос на другите православни цркви – БПЦ и натаму ја има честа да не заштитува, застапува и претставува пред Вселенскиот Патријарх и останатите православни цркви сѐ додека МПЦ не го добие „томосот за автокефалност“ од Вселенскиот Патријарх.

Иако Македонската православна црква прогласи автокефалност пред 50 години, според канонските правила, на кои се повикуваат и останатите помесни православни цркви, таа е обврзана најнапред да го реши спорот со Српската православна црква. Но, долгогодишниот црковен спор меѓу Македонската и Српската црква, со децении е на мртва точка, иако имаше обиди да се влијае за негово решавање и од политичката сфера.

Христо Марковски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *