Пасијата по “олд-тајмери” на делчевчанецот Лоренцо Трајановски

Пасијата по олд-тајмери на делчевецот Лоренцо

Делчево, 20 март 2018 –  Пасија е таа која те покрева и тогаш кога животот знае да ти удира шлаканици или кога мислиш дека сѐ околу тебе е монотоно и не ти дава да дишеш, или кога секојдневно согледуваш дека една искра може да направи пламен и да уништи се што си создавал со децении, па и да однесе човечки живот. Тогаш токму таа пасија, за која би урнал планини и минал мориња, те буди од секојдневието и те одржува цврсто на земјата.

Велат дека соништата на големите сонувачи никогаш не се остваруваат. Но, 45-годишниот Лоренцо Трајановски од Делчево, пожарникар кој веќе 19 години се бори со огнените стихии, има несекојдневна пасија која му го обојува светот, а тоа се старите автомобили, популарните олд-тајмери.

Лоренцо има 13 стари автомобили. Најстариот има 51 година, а најмладиот 37, или неговото богатство изгледа вака: VOLGA 1979, MOCKVICH 1980, ZASTAVA 750 (FICO) 1979, LADA ZIGULI 1979, VW BUBA 1967, WARTBURG 1980, RENO 4 1980, SKODA 105 L 1981, OPEL KADETT 1979, PEUGEOT 204 1973, TRABANT 601 1972.

– Мене сите коли ми се омилени, не би сакал да ги потценувам останатите, но ете, би ја издвоил мојата VOLGA GAZ – 24 (руско производство) голем и широк изглед и комоција, долга пет метри, јачина 2.500 кубици, бензинец. Чувството да се возиш во неа е како во брод на мирно море. Стара е 40 години, но функционална како моментално да е направена. Сите делови одлично ѝ функционираат, преносот е на кардан, задна влеча, голема шалт табла, со голем волан. Оваа руска убавица наликува на американските CADILLAC, CHEVROLET, MUSTANG, на ниво на сегашната технологија, вели Трајановски.

Вели дека подеднакво си ја сака и професијата, која го исполнува подеднакво како и хобито.

Работи двосменски, со 12 работни часа во смена. На работа целото време им го посветува на камионите, посебно оние најстарите кои имаат и над 40 години.

-Со самото тоа што ги гледам и анализирам, за мене претставува задоволство, а кога ги возам тоа е неописливо чувство, кое едноставно ме одржува во исполнет живот. Кога сум ноќна смена, наредните два дена сум слободен. Тие слободни денови ги користам уживајќи со моите 13 олдтајмери постари и од 40 години. Тие се едноставно дел од мене, а јас дел од нив. Имам доволно слободно време кое го користам за да им се посветам и сѐ што е потребно за нивно одржавање, вели Трајановски.

Олд тајмери

Прва изложба во Италија

Уште како дете, Лоренцо се радувал на првиот автомобил на неговите родители- застава 750 или популарно познато како „фиќо“.

-Мојата секојдневна игра и исполнување беше неговото чистење и одржавање. Но, првиот мој стар автомобил беше VW BUBA. Го купив од мој пријател, го регистрирав и заминав да учествувам на една олдтајмер изложба во Италија. Тоа за мене беше исполнување на сон, она кога сонот станува јаве. Уште од тогаш ми се роди желбата таков настан да се одржи и кај нас. Но мојот темперамент, жар и преголема љубов не дозволи тоа да биде само желба, за подоцна тука да се случи изложба на олдтајмери, се сеќава Трајановски.

Олдтајмерите за Лоренцио се најголемо богатство и на нив се посветува максимално и ги негува.

– Знам сѐ за нив, на кој начин работат, како функционираат, дефекти, импровизирање и слично. Тоа е една љубов која ми ја апсорбира негативната енергија и ме исполнува со позитивна. Автомобилите, едноставно, ги чувствувам како преголем дел од мене, како членови на моето семејство. И покрај сегашниот преголем избор на нови автомобили, јас имам интерес само за стари. Што постари толку поголем интерес имам, посебно, ако се зачувани и одржувани. За мене, најдобро инвестирани пари за задоволство е да си купам стара кола, ни вели Трајановски.

Овој страстен обожувач на стари автомобили се восхитува и на новата технологија во производството на автомобили, но вели дека негов интерес се единствено старите автомобили.

-Старите се изработени од квалитетно железо, крила, браници, фарови, издржливи на секакви терени, моќни и едноставни за управување и ефтина потреба за делови. Додека новите автомобили се од посебна пластика и гума, електроника и прескапи делови, само еден дел за нова кола би чинел колку да се купат три стари коли. Лично да имам кола која вреди 25.000 евра би ја продал и би купил 15 стари коли. Не сум воопшто љубител на луксузни и скапи возила, истакнува Трајановски.

Со кредити купува стари автомобили

Старите автомобили ги пронаоѓа со секојдневни контакти со луѓе кои го имаат истото хоби, или по социјалните мрежи, каде се споделуваат информации за тоа кој и каква кола продава или каде се одржуваат изложби на стари автомобили.

– Имало ситуации, каде што сум одел и во отпади да ја „спасам“ што би се рекло колата од пресата. Старите автомобили се дел од мене и за нив ќе го потрошам и последниот денар ако има потреба и тоа често се случувало. Се случувало и да имам голема желба за одреден автомобил, но финансиите ме спречувале да ја купам. Во таа ситуација, земав кредит од банка за да го добијам автомобилот. И тоа неколку пати сум го повторил, само колата да не заврши на отпад. Мене посебно ме радува тоа што сите мои коли се различен модел и различно функционираат. На пример, WARTBURGOT нема моторно кочење и нема картер за улје, туку користи бензин мешавина со улје двотактол, како што користат мопедите. WV BUBA нема ладилник за вода ниту користи вода, односно има воздушно ладење. LADA, VOLGA, MOCKVICH, имаат задна влеча за зимски услови не се баш подготвени и се малку слаби, но за товар ниедна друга кола не може да им биде конкуренција. За нив деловите се многу евтини и квалитетни за одржување. Интересно за VW K-70 е тоа што за тогашно време во 70-ите години има електронски саух, елегантен изглед, кожни седишта и многу квалитетна конструкција. Без разлика што моите коли се прилично стари, нивниот изглед премногу ми е важен и се грижам за тоа, исто како што родителот се грижи за своите деца, со посветено преголемо внимание. И покрај моите 13 коли, мојата желба за големо автомобилско семејство не згаснува, ќе го надополнувам со секоја добра прилика, вели Трајановски.

За да се врати стариот сјај на прилично стар автомобил на Лоренцо му е потребно повеќе време затоа што става само оригинални делови, оргинални бои и затоа му е потребно околу пет до шест месеци, за да се постигне посакуваниот изглед, односно оргиналниот. Автомобилите ги рестарвира во соработка со два сервиса. Едниот е за механичкиот дел на колата, а другиот за каросеријата.

-Јас сум максимално вклучен, кога се работи на моја кола, помагам и работам заедно со нив што ми претставува задоволство , затоа што се стекнувам и надградувам со повеќе искуства и знаења во таа област. Веќе имам набавено комплетен алат за рестарвирање и во иднина планирам самостојно да започнам со рестарвирање на старите возила, најавува Трајановски.

Тој истакнува дека за него старо возило фрлено во отпад е преголем грев, болка, жал, бес, гнев и слично.

– Јас сум премногу емотивно врзан за тие возила што местото каде што би се уништувало тоа богатсво го доживувам како класичен погреб. Досега четири коли имам купено да не речам спасено од тоа хорор место. Во секој случај кога ќе купам кола од такво место за мене е гордост и исполнетост. Кога таа кола ќе ја однесам на мојот паркинг покрај останите, тоа за мене претставува освоена битка, среќниот крај на една моја, а и нејзина приказна, додава Трајановски.

Олд тајмери

„Kings of the roаds”eдинствено Здружение во Источна Македонија

Идејата да формира здружение кое ќе ги обедини вљубниците во стари автомобили од регионов и кое ќе донесе поинаков поглед кон старите автомобили, ја носел подолго време. Во консултација со повеќе здруженија од Србија, Босна, Хрватска, Италија и Бугарија, се решава да го формира првото здружение.

– Моја преголема желба, а и секојдневна мисла беше таа култура да заживее и во мојот град Делчево. Веќе сте сведок на исполнувањето на мојата желба, која стана реалност. На моите заложби на почетокот, моите сограѓани гледаа многу песимистички. Често го слушав прашањето дали сум нормален и зашто трошам пари на стари канти кој никој не би ги возел, едноставно смешно им беше. Моите роднини и пријатели ништо поинаку од моите сограѓани. Се соочував со секојдневни расправии, кавги, провокации и слично. Мојата љубов кон колите секако беше поголема, секако и мојата решителност и став, како и вербата во самиот себеси и во она што го сакам и борбата за тоа. Воопшто не ме интересираше мислењето на оние кои не ме поддржуваа. Но, сето тоа нагло се промени кога јас го одржав првиот „Retro cars show“ во Делчево на 2 октомври 2016 година. Беа воодушевени од мојот труд и посветеност на она што го сакам и работам. Оние кои најмногу се потсмеваа беа со најголеми импресии, и дури покажаа интерес да ги водам со мене на други изложби, истакнува Трајановски.

Тој соработува со негови колеги по хоби од Прилеп, Битола, Велес, Скопје и Струмица. Комуницираат често, си набавуваат делови, си помагаат на секаков начин.

-Соработката со сите здруженија ми е на високо ниво, се чувствува голема почит и култура во соработката и работата. Посебно ме прави среќен што соработувам со клубови во Бугарија, кои ќе земат учество на манифестацијата што ја организирам во март оваа година во Делчево. Тие ќе учествуваат со пет до шест автомобили, навистина, енормно вредни, американски модел. Овој пат нема да можат да дојдат и да учествуваат клубови од Белград и Загреб со кои, исто така, соработувам, раскажува Трајановски.

Олд тајмери

Втора ревија на олд тајмери на 24 март во Делчево

Првата ревија на олдтајмери во Делчево беше одлично организирана. По делчевските улици продефилираа 49 стари автомобили.

-Расположението на присутните беше на високо ниво, моите сограѓани беа среќни што за прв пат гледаат нешто ново во Делчево. По таа изложба, секојдневно ме прашуваа кога и каде повторно ќе има манифестација од таков тип. Мојот план е на 24 март годинава, точно на мојот роденден, да биде втората ревија, која ќе биде уште побогата и поинтересна од претходната. Овој мој роденден сигурен сум дека ќе го памтам додека сум жив, вели Трајановски.

Неговите планови се почести изложби во неговото родно Делчево, како и на европско ниво. Плановите му се да отвори еден мал музеј на ретро коли, каде што посетата на олдтајмерите ќе биде бесплатна за сите љубители.

– Изградба на објект што треба да почне токму овој месец, каде што моите возила ќе бидат на некој начин заштитени, а и ќе има сервис за нивно одржавање. Во блиска иднина имам желба за отворање на регионален и професионален сервис за рестарвација на олдтајмери, за Македонија и пошироко, најавува Трајановски.

Лоренцо е посебно задоволен што младите почнуваат да се интересираат за оваа култура кон старите автомобили.

-Посебно ме радува што младите почнуваат да се интересираат за оваа култура, се консултираат со мене, се интересираат за местата каде ги набавувам, цената, староста на возилото, штедат пари за да купат, сакаат да бидат членови во мојот клуб, да присуствуваат и наскоро да учествуваат на изложби, да се дружат и запознаваат со нови пријатели кои ја делат истата страст. Моите поддржувачи во Делчево ги има во сѐ поголем број и тоа премногу ме радува, истакнува Трајановски.

Олд тајмери

Не ги носете старите автомобили на отпад

– Мој совет кон сите кои чуваат стари автомобили е да ги чуваат затоа што еден ден ќе се уште поголемо богатство, во никој случај да не ги фрлаат во отпад, а ниту да ги продаваат. Мала е цената што може да се земе ако се продаде олдтајмер, цена која пребрзо се троши. Продадов еднаш две коли Mercedes 115 и Audi 100 , сеуште не можам да се помирам со таа моја непромислена одлука, а назад веќе нема. Сега ги немам колите, а парите кои ги зедов се потрошија за кратко време, за ништо значајно. Но сите оние кои имаат олдтајмери и цврсто се одлучени дека не го сакаат, ги замолувам најпрвин да ме контактираат мене, нема да дозволам да бидат уништени, а во мојата колекција ќе бидат добредојдени, истакнуав Трајановски.

Олд тајмери

Го оставивме Лоренцо да го дотерува варбургот, новото возило во неговата колекција. Гледајќи го како со страст работи давајќи му нов живот на старото возило, нѐ инспирира со други очи да ги гледаме старите автомобили, но и задолжително да бидеме дел од ревијата на олдтајмерите која треба во Делчево да донесе педесетина стари убавици, сите со своја приказна.

Leave a Reply

Your email address will not be published.