Пара Вести: Македонец измисли нијанса на топла вода

14.XI.2017 (kamenica.mk)

Невработениот скопјанец Александар Сезнајковски (35) смета дека со својот нов пронајдок ќе ја прослави Македонија.

Нијансата на топла вода што сосем случајно ја открил Сезнајковски ќе го збогати светот за уште еден македонски изум. Александар, доктор на науки кој веќе десет години бара и не може да најде работа, е уверен дека неговиот најнов пронајдок ќе му помогне да се збогати, а воедно и ќе ја прослави Македонија. Тој планира да го патентира својот изум под името „потопла вода“, а потоа и да им го нуди на државите во светот за користење. Вели, до потоплата вода дошол сосем случајно, додека се туширал една летна вечер во станот каде живее со своите родители.

„Потоплата вода е многу пријатна и се препорачува за разни заболувања, посебно за лицата кои се зимурливи, а може да се користи во секој дел од годината, иако најубаво се ужива во неа зимно време“, вели Сезнајковски.

„Во моментов сум во потрага по потенцијални инвеститори кои би вложиле средства за рекламирање на мојот изум, а во замена би добиле дел од потенцијалната заработка“, додава тој. Вели дека веќе му се јавиле неколкумина заинтересирани, но главно се откажувале откако ќе слушнеле за што поточно станува збор.

„Јас не се откажувам. Ќе ја туркам мојата идеја докрај“, уверено вели Александар. „Знам дека еден ден светот ќе ме признае како гениј“.

Во меѓувреме преку социјалните мрежи Александар Сезнајковски започна иницијатива за собирање донации со кои би можел да го плати барем патентирањето на својот изум.

„Се плашам од нелојалната конкуренција. Во Македонија има премногу невработени и паметни луѓе кои едвај чекаат да им се појави некаква шанса. Затоа и ми се брза толку многу со патентирањето на изумот, зашто сама по себе нијансата на топла вода, т.н. ’потопла вода’ лесно може да се создаде и во домашни услови, а потоа да му се понуди на светот“, вели тој.

„Ама не се откажувам“, додава со насмевка.

izvor: okno.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *