Отстранет дефектот на цевковод во Рудник САСА. Се работи на санирање на штетите

Македонска Каменица, 09.01.2019 – Денеска, околу еден часот по полноќ, ниските температури (-10˚C) и мразот предизвикаа напукнување на цевководот за транспорт на пулпа од рудникот Саса до постојката за одложување, при што предизвикано е краткотрајно истекување во локалниот речен тек.

Како што известуваат од Рудник САСА „Дефектот на цевководот веднаш е отстранет од страна на екипите на Рудник САСА, при што истекувањето на пулпата е сопрено и со тоа состојбата е целосно нормализирана“.  Согласно процедурата во вакви случаи, утринава се земени примероци од водата долж течението на реката кои во текот на денот ќе бидат доставени на анализа во акредитирана лабораторија. По добивањето на резултатите од анализата, рудникот САСА, доколку е потребно, ќе преземе и дополнителни мерки за елиминирање на евентуалните последици од истекувањето.

Дополнително, постапувајќи согласно одредбите од Законот за заштита на животната средина и правилата од А-интегрираната еколошка дозвола, за случајот се известени и сите надлежни институции на државно и локално ниво. – дополнуваат во изјавата која kamenica.mk  ја доби од одговорни лица во Рудник САСА

Утрово, стручни служби од општина Македонска Каменица излегоа на терен, при што ја констатираа состојбата со загадувањето на водите во Каменичка Река.
Службите од Општината исто така го посетија и Рудник САСА, од каде е потврдена информација за дефектот. При посетата е утврдено дека истиот е отстранет и истекувањето на хемикалии и штетни материјали во Каменичка Река е запрено. За утврдената состојба и настанати штети, веднаш се известени Центарот за управување со кризи и Министерството за животна средина. Веќе се земени и примероци од вода кои се испратени на испитување.
Стручните служби ја следат состојбата и во текот на наредниот период ќе бидат преземени сите мерки за нормализирање на состојбата и санирање на штетата која дополнително ќе биде утврдена. – изјавија од општина Македонска Каменица

Дополнителни информации околу настанатата состојба ќе бидат објавени веднаш по добивањето на истите во текот на следниот период.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *