Општините од Источниот и Североисточниот Регион ќе формираат заедничко претпријатие за управување со отпад

Македонска Каменица, 22.10.2019 година – Осумнаесет општини од Источниот и Североисточниот плански регион ќе формираат заедничко јавно претпријатие за управување со комуналниот отпад, прво од таков вид во државата.

Договор за основање на претпријатието постигнаа Регионалните одбори за управување со отпад и Општина Свети Николе, како дел од проектот за воспоставување интегриран регионален систем за управување со отпад. Се работи за активности што се реализираат во партнерство на Министерството за животна средина и просторно планирање и општините од двата региона, со финансиска поддршка од ИПА-програмата на Европската Унија.

– На работна средба го договоривме учеството и начинот на управувањето со меѓуопштинското претпријатие чие седиште ќе биде во Свети Николе, а основачкиот влог ќе изнесува три милиони денари што ќе бидат распределени меѓу осумнаесетте општини, соодветно според бројот на жителите. Во наредниот период ќе следи затворање на постојните депонии и на меѓународен тендер ќе се избере фирма за спроведување на тој процес, истакна претседателот на Источниот плански регион и градоначалник на Општина Кочани, Николчо Илијев.

Според концептот за управување со интегриран регионален систем, отпадот од помалите општини ќе оди на одредена претоварна станица, а оттаму на регионалната депонија што ќе се гради на локацијата кај светиниколските села Мечкуевци и Арбашанци. Македонска Каменица ќе биде една од трансфер-единиците, односно постоечката градска депонија ќе биде преуредена и претворена во претоварна станица за комунален отпад, каде ќе се врши примарна сепарација на отпадот од Македонска Каменица и Делчево, – изјави Соња Стаменкова, градоначалник на општина Македонска Каменица

Во рамките на овие активности се реализира уште еден проект со кој ќе се набавуваат контејнери за граѓаните, како и возила за комуналните претпријатија, а финансирањето исто така е од европските фондови.

Општина Македонска Каменица, општина Кочани и останатите општини, наскоро ќе добијат транспортни комунални возила за отпад со различен капацитет, како и рамен влекач за контејнери што ќе му бидат ставени на располагање на комуналните претпријатија.

 

АКТУЕЛНО

© 2012-2019 Copyright Libertas.mk. All Rights reserved. –

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

%d bloggers like this: