Општина Македонска Каменица ќе го зголемува и бројот и износот на стипендиите за ученици и студенти

 

Македонска Каменица, 09.03.2018 – Со измени во Правилникот за стипендирање на ученици и студенти, општина Македонска Каменица ќе го зголеми бројот на стипендирани ученици и студенти, а ќе се зголеми и износот на стипендиите.

Согласно предложените измени кои ќе бидат доставени до Советот на ЕЛС Македонска Каменица веќе на мартовската Седница, предвидено е да се доделуваат 20 стипендии (6 за ученици во основно, 8 за ученици во средно и 6 за студенти). Ќе бидат стипендирани ученици од Македонска Каменица кои учат во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ (осмо и девето одделение) и СОУ „Миле Јаневски Џингар“ (втора, трета и четврта година) и кои оствариле просечен успех од 5.00, како и студенти (започнувајќи од втора студиска година) кои студираат на државните универзитети во Република Македонија кои оствариле просечен успех од 8.00.

Новина е што приоритетен критериум во рангирањето на учениците и студентите ќе биде нивниот успех во текот на образовниот процес, а останатите критериуми се освоените награди на државни и меѓународни натпревари и материјалните можности на учениците и студентите. Ова значи дека за стипендии ќе може да аплицираат сите ученици и студенти кои го исполнуваат првиот критериум, односно имаат остварено просечен успех од 5.00 за ученици и 8.00 за студенти, без оглед на вкупните смејни месечни приходи. Последниот критериум ќе се примени само доколку бројот на апликантите го надмине бројот на предвидени стипендии.

Стипендиите ќе се доделуваат за период од 10 месеци и ќе изнесуваат 3.000 денари месечно.

Со овие нови измени, општина Македонска Каменица дополнително ќе влијае врз мотивираноста на учениците и студентите за постигнување на подобри резултати во текот на образованието, а тоа секако ќе значи и унапредување на воспитно-образовниот процес.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *