Од 9.000 до 140.000 евра казна за непочитување на Законот за забрана на пластични кеси

Дневно секој човек користи по две кеси

Со Законот за управување со пакување и отпад од пакување сите пластични кеси се забранети со закон и противзаконски е доколку останат во промет по 1 декември. Со забраната за употреба на пластични кеси од денеска тие веќе нема да се произведуваат, а биоразградливите ќе се наплаќаат по 15 денари. Тие што ги имаме по дома секако можеме да ги реупотребиме. А како што споделуваат дел од граѓаните, во нивните домаќинства има солидни резерви на кеси.
На граѓаните во моментов најмногу ги загрижува цената и стравуваат дека таа ќе се одрази врз домашниот буџет. Трговците, пак, се плашат дека цената ќе одврати дел од купувачите, трети сметаат дека ќе се одрази врз економијата на фирмите за производство на пластични кеси, а надлежните власти и еколошките друштва акцентот го ставаат на создавањето здрави навики и помалку отпад.

– Со новата владина мерка ние не ставаме акцент на наплатата 15 денари за кеса, туку на забраната за употреба на пластичните кеси. Со оваа мерка ќе се поттикнат нови навики, ќе се поттикне алтернативен начин на пазарење, ќе се актуализираат платнените торби.
Во Македонија годишно се пуштаат во оптек 5 илјади тони, а секој жител користи по две кеси на дневно ниво. Со наметнувањето да се користат платнени торби, главна цел е спречување на отпадот, спречување тој да заврши на депониите. Процесот на собирање и рециклирање кеси е скап и оваа мерка е одлично решение да се намали отпадот на пластични кеси. Центрите за рециклажа не посветуваат доволно внимание на овој отпад и затоа тој најчесто завршува на депониите. Оттука, овој отпад се разградува и ја загадува почвата, подземните води, влијае врз загадувањето на животната средина и микропластиката станува дел од синџирот на исхрана – изјави Борче Кузмановски, програмски координатор за социјална инклузија и зелена економија во „Гоу грин“.

Постепено да се хармонизираме со ЕУ

Оваа законска одредба е дел од законите за управување со отпад и дел од пакет-законите донесени од 15 септември, со кои продолжуваме со усогласувањето на законодавството на Македонија со Европската Унија. Бидејќи Македонија мора да има хоризонтално законодавство со Унијата, вели Кузмановски.
– Мора постепено да ги хармонизираме законите со Европската Унија. Со усвојувањето на законот се придржуваме кон хиерархијата со управувањето со отпадот, а најголем приоритет се дава на спречувањето на отпадот. Оваа мерка е токму тоа. Едноставно сѐ помалку ќе можат да се видат пластични кеси на депониите и ќе се спречи загадувањето со нив. Оваа мерка не е со цел граѓаните да почувствуваат финансиски товар, туку да се поттикнат здрави навики. Финансиски товар ќе почувствуваат само оние што нема да сакаат да се приспособат на мерката. Според мене, компаниите имаа време да се адаптираат на промените. Мерката е донесена на 15 септември. Производителите произведуваат само биоразградливи кеси, па оттука само биоразградливи ќе им бидат достапни – дополнува тој.
На прашањето како земјите од регионот или Унијата се справуваат, тој вели дека секоја земја има свој систем. Но хиерархијата е заедничка кај сите држави.

– Тука е кругот РРР. Или R – Reduce (смалување на количината на отпадот) R – Reuse (повторна употреба) и R – Recycle (рециклирање) и во сите земји се следат исти правила. Ние треба да држиме чекор со напредните земји. Дефинитивно ова е момент за да ги смениме нашите навики и да се освестиме за тоа колку отпад создаваме – вели тој.

Без пластични кеси се може

И од Иницијатива за забрана на пластични кеси велат дека крајно време е да се адресира проблемот на загадувањето со пластика и во нашата земја бидејќи таа пластика што се гори или што се фрла насекаде не само што му наштетува на живиот свет, туку штетно се одразува и врз нашето здравје.

– Потребно е да се преземат мерки за намалување на ѓубрето што се создава од еднократна пластика и во таа насока сметаме дека законската забрана на пластичните кеси е важна, но не и доволна сама по себе во борбата за намалување на употребата на еднократна пластика и огромното количество ѓубре од пластика. Апелираме до граѓаните да ја поддржат оваа мерка бидејќи од сите нас зависи дали еден закон ќе се имплементира во реалноста или ќе остане мртво слово на хартија. Без пластични кеси се може. Нивна алтернатива се платнените и мрежестите торби со кои може да се пазари. Ако се употребуваат тие наместо пластичните, граѓаните ќе увидат дека ќе трошат помалку, а не повеќе пари за транспорт на стоките до домот. Исто така, можат повеќекратно да ги користат пластичните кеси што веќе ги имаат наместо да ги фрлаат веднаш по првата употреба. На ваков начин не само што поеколошки ќе се однесуваат, туку ќе имаат и економски бенефит – ни изјавија од Иницијативата, кои по ова прашање имаат направено леток (https://zabranaplasticnikesi.site/flaer/) кој содржи корисни информации поврзани со забраната за пластичните кеси.

Потребно е приспособување на новите мерки

Министерството за животна средина и просторно планирање ја потсетува јавноста дека од 1 декември 2021 г. (среда) стапува во сила обврската за наплата на кесите за носење стоки од новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување.

– Целта е намалување на употребата на пластиката, развивање позитивни навики за користење торби за пазарење за повеќекратна употреба согласно принципот загадувачот плаќа. Собраните средства ќе се реинвестираат во животна средина/стимулација на еколошка амбалажа и сл. Кај производителите се појави извесно незадоволство, но овие стандарди беа пропишани и во претходниот закон, што значи не се нови и треба да се почитуваат, а тие треба само да се приспособат на овие побарувања. Производителите на пластични кеси и понатаму можат да продолжат со работа, но со почитување на пропишаниот стандард за биоразградливост. Новиот правилник за стандардите за биоразградливост е донесен и се очекува неговото објавување во наредниот број на „Службен весник“. До неговото стапување во сила важи постојниот Правилник – нѐ информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Глобите се регулирани во Законот за управување со пакување и отпад од пакување (чл. 49 и чл. 50) во главата со наслов – VII. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ, при што глобите поврзани со евиденцијата и пуштањето кеси за носење стоки или пластично пакување за еднократна употреба се класифицирани во прва и втора категорија на прекршоци. Детални информации на следниот линк https://bit.ly/3o5sMkW – истакнуваат од надлежното Министерство.

Според законот, глоба во износ од 9.000 до 10.000 евра за микротрговци, од 18.000 до 20.000 евра за мали трговци, од 53.000 до 59.000 евра за средни трговци и од 89.000 до 98.000 евра за големи трговци ќе му се изрече за прекршок на правно лице според прекршочни санкции од прва категорија, доколку податоците од евиденцијата на квартална основа на бројот на продадените кеси не ги пријавува кај стручниот орган согласно членот 10 став (5) од овој закон, пишува во Законот.

Според прекршочни санкции од втора категорија, глоба во износ од 13.000 до 14.000 евра за микротрговци, од 25.000 до 28.000 евра за мали трговци, од 76.000 до 84.000 евра за средни трговци и од 126.000 до 140.000 евра за големи трговци ќе му се изрече за прекршок на правно лице, доколку пушта на пазар пластични кеси за носење стоки спротивно на членот 10 (кој забранува пуштање пластични кеси во употреба), произведува и/или пушта на пазар пакувања кои не се изработени согласно барањата од членот 12 од овој закон и уште многу други потточки, велат во Министерството за животна средина и просторно планирање.

Извор: факултети.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *