Од СИЕР бараат повлекување на измените на Законот за минерални суровини

По Македонската асоцијација за рударство, Министерството за економија, сега и Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија (СИЕР) реагира да се повлечат предлог-измените на Законот за минерални суровини.

Од Синдикатот изразија загриженост за иднината на вработените во рударската индустрија, бидејќи усвојувањето на предложениот закон , како што пишува во соопшението, претставува сериозна закана за запирање на работењето на рудниците.

„Со сета должна почит за грижата за животната средина, сметаме дека рударството како дејност која сериозно придонесува во вкупниот БДП на државата заслужува барем издржана стручна и научна анлиза на состојбите пред да се предлагаат какви било законски прописи. Ова е прашање за кое не смее да се одлучува без сериозни релевантни анализи и истражувања. Рудниците до овој момент работат според важечки стандарди и според добиени мериторни дозволи за работа“, стои во соопшението на СИЕР.

Во предлог законот на пратениците се вели дека измените ќе обезбедат долгорочна заштита на животната средина. Пратеничката Лилјана Поповска на ДОМ истакна дека измените се предложени заради новите рудници кои се очекува да ги отворат 80-ина концесионери кои прават геолошки истражувања во државата и дека технологиите кои ги користи рударскиот сектор во Македонија, се применуваат само во сиромашните земји. Со став дека предложениот закон нема негативно да влијае врз рударската индустрија е и Ангел Наков од граѓанското здружението „Спас за нас“. Тој вели дека рудрската фела сака да манипулира со граѓаните, бидејќи во оваа индустрија нема 13 илјади вработени, туку бројката се сведува на 2 илјади.

„Ако ги затвориме рудниците, Македонија ќе плати три милијарди, од каде ова иуспадна ова? 2004 вработени има во рударството“ – вели Ангел Наков од граѓанското здружението „Спас за нас“.

Инаку со предложените законски измени се предвидува забрана за примена на цијаниди, сулфурна киселина и други опасни супстамнци во текот на геолошките истражувања, експлоатација и преработка на минерални суровини.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.