Нови 24 случаи со коронавирус, вкупно 201, од нив 123 во Скопје

Најголем раст на бројот на заболени од коронавирусот во изминатите 24 часа има во Скопје, со 15 новозаболени, следува Куманово со 4, а од денеска прв случај е потврден и во Тетово

Со овие 24 лица, вкупната бројка се искачи на 201 регистриран случај во земјава, информира министерот за здравство Венко Филипче. Бројот на жртви, за среќа, останува три, а исто толку е и бројот на излекувани, бидејќи се подобрила здравствената слика на уште двајца пациенти од Инфективната клиника.

Првиот случај од Тетово, пак, е 69-годишен маж, кој две недели се лекувал во Заводот за рехабилитација во Скопје и засега е нејасно како се заразил. Здравствените работници од Заводот во моментов не покажувале симптоми.

Од новите случаи во главниот град, позитивно на корона е уште едно лице од Кожната клиника, шесто заразено, од оние кои имале контакт со екс-директорката на клиниката. Филипче тврди дека за Скопје не се неопходни нови мерки, од оние кои веќе произлегоа од вонредната состојбата и нагласи дека единствено ограничување на движењето ќе го спречи ширењето на вирусот.

Министерот истакна дека викендов помасовно ќе се тестира во оние региони каде е потребно, а на тест ќе подлежат и оние лица кои кога настапи карантинот се затекнаа во Дебар, па ако се негативни резултатите ќе бидат пуштени дома.

Според Филипче, досегашните податоци укажуваат дека ќе биде потврдена прогнозата дека пикот на епидемијата ќе биде достигнат кон крајот на април со околу две илјади заболени лица.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *