Не сум дилер, со маслото од канабис им помагаме на болни лица

Кај нас беа пронајдени 300-400 грама канабис. Тоа е количина оставена од пациенти што се лекуваат со канабис, за да им правиме масло. Ги имаме и пациентите како сведоци кога ќе дојде време за суд. Сите знаат дека не сум дилер. Тоа го знаат и полицајците. Ова не е некакво си алиби, туку вистината, вели за МКД.мк еден од најистакнатите активисти за легализација на канабис Филип Достовски, кој синоќа од седум часот докај полноќ беше приведен во полиција.

Достовски потенцира дека приведувањето е доста симптоматично, особено што доаѓа откако периодов се разви голема дискусија на социјалните мрежи – се разменуваа мислења, бројки, истражувања и факти за канабисот и канабиноидите (основните активни сустанци), се дискутираше доста за маслото со ЦБД што почна да се продава по аптеките, за кое самиот смета е прескапо и преслабо.

Периодов веќе добил закани од одредени личности, а бил приведен и пред влез, и тоа за немање лична карта, бидејќи ништо не му нашле. Синоќа, пак, заедно со Достовски беше уапсен уште еден член на Здружението „Зелена алтернатива“.

„По сето што се случуваше периодов, синоќа добивам повик од дома за ме информираат дека ми дошле од одделот за Недозволена трговија и шверц (НТШ) на претрес. Отидов, а во меѓувреме дошле на претрес и кај друг другар, исто така дел од ’Зелена алтернатива’, со кој заедно помагаме на пациенти. Во полиција бевме од седум часот докај полноќ. Сето она што го зборувавме таму десетици пати сме го повториле и јавно, за нашите континуирани иницијативи, заложби како здружение..“, потенцира Достовски, кој и самиот се лекува со канабис против рак на белите крвни клетки  – Хочкинов синдром.

Активистот уверува на коректен однос од полицијата. Истовремено, се заблагодарува за големата поддршка и јавувања од повеќе пријатели, приврзаници активисти, луѓе што им помогнал за лекување, адвокати…

„Постапката сега оди понатака. Целата пронајдена количина е дадена на вештачење. Веројатно ќе бидем е кривично гонети и ќе следува судска постапка. Не знам што ќе се случува, но се уште постои опасност да одиме во затвор“, вели Достовски.

Инаку, Достовски со години наназад се бори за легализација на канабисот и преку „Зелена алтернатива“ со екстракти од канабис помага на стотици граѓани со најразлични болести. Истовремено, целта на Здружението е и да шири знаење, да информира и да ги едуцира граѓаните како сами да си помогнат употребувајќи ја оваа билка, која уште одамна пред законските забрани игра важна улога во човековиот опстанок и наоѓа најразлична примена во медицината, но и за продукција на храна, влакна, восок, за хартија, облека…

„Зелена алтернатива“ е буден учесник во креирањето на посебна свест за користењето на канабисот. Работи на охрабрување, наместо стигматизација. Отворен пристап за екстракт од канабис, наместо токсични лекови. Меѓу другото, се заложува болните деца бесплатно да добиваат масло од канабис. Здружението на неколку пати потенцираше дека во Македонија расте автохтон коноп, со силен потенцијал за третирање епилепсија, па апелираше да се одгледува домашен канабис и да се користи овој извор, наместо да се увезува од странство.

Исто така, „Зелена алтернатива“ на повеќе пати учестува и во јавни дебати, домашни и меѓународни трибини, а и самото здружение на три пати организираше семинар за демистификација на канабисот. Таму со свои предавања учестуваа светски експерти, научници и активисти од типот на Рик Симпсон, Пол Хорнби, Лумир Хануш, Роберт Џ. Меламед, Илија Резник…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *