НЕМАШТИЈАТА ЈА УНИШТИ КОЦКАТА ВО МАЛЕШЕВИЈАТА

08.XII.2017 kamenica.mk

(текстот во целост е преземен од архивата на официјалниот профил од општина Берово и има за цел да ја разбуди свеста кај граѓаните, да укаже дека немаштијата е последна алка која треба да влијае врз искоренувањето на коцката како порок)

Спортските обложувачници се замена, но масовното класично коцкање, по кое Берово и Пехчево беа познати, полека се искоренува и се игра само „на ситно

Покрај многуте проблеми што ги донесе, сиромаштијата прави и едно големо добро – речиси целосно го искорени коцкањето. Речиси и да немаше Малешевец што не се коцкаше порано, некои на ситно, а многумина и на крупно. Се губеа многу пари, добиток, а некои за една ноќ губеа и добивка и автомобил, камиони, станови или куќи. Сега луѓето немаат пари, коцкарскиот капитал се потроши, па традиционалната коцка полека исчезнува. Но, за жал, обложувачниците станаа нов порок.

Вака Малешевци го објаснуваат менувањето на еден со друг хазардерски порок. Во седиштата на двете малешевски општини, Берово, град со 7.000 жители, и Пехчево со 3.200 жители, турбо работат десет спортски обложувачници или на 1.000 жители по една. Обложувачниците се тренд во сите градови во источна Македонија, но просекот таму секаде е по околу 2.000 жители на една обложувалница.

– Класичната коцка во Берово изгоре многу луѓе. Обложувачниците навидум не се толку опасни. Се игра на мали суми и за скромни добивки, но се игра и по неколкупати на ден, а тоа знае да однесе многу пари. Сум пропатувал секаде низ Европа и добро знам дека каде што има голема финансиска криза таму хазардерството и алкохолизмот се најприсутни. Во Малешевијата дополнителна причина е немањето културно-забавен живот. По летната туристичка сезона, Берово е пусто. Затоа, некогаш кога имаше повеќе пари, луѓето масовно одеа во кафеани и се коцкаа. Сега пари нема. Кафеаните се празни. Младите најмногу можат да си дозволат по еден пијалак во кафулињата, а потоа сите се собираме во обложувачниците – вели Кирил Бугариновски, тазе пензионер, поранешен возач на автобус во „Берово транс“, кого го затекнавме во една од шесте беровски обложувачници.

НЕМА ИНТЕРЕС ЗА КАРВАНИТЕ

Обложувачниците не ги испразнија ни предизборните партиски карвани во Малешевијата. Луѓето велат дека повеќе никому не веруваат, бидејќи кризата траела предолго и немало ни зрак надеж дека нешто ќе се промени. Покрај обложувачниците, најпосетено место во Берово е Пензионерскиот дом. Празна маса тешко се наоѓа. Масовно се играат карти, а ретко кој нешто пие, иако пијалакот е евтин.

– Ако не се пензионерите и нивните пензии, Берово целосно ќе пропадне. Кога ќе умре пензионер, неговото семејство најчесто останува без приходи. Бројот на вработените во последните 10-15 години е преполовен. И тие што работат земаат минимални плати. Сто евра месечно за многумина се само сон. Добро е што многу семејства одгледуваат по нешто добиток и компир, колку за свои потреби, инаку би било крај со нас. Некогаш, кога имаше повеќе пари, коцкањето беше тренд. Сега во обложувачниците многумина одат по последниот денар и со последната надеж дека ќе добијат скромна сума за да отворат мал бизнис од кој ќе преживеат – објаснува 63-годишниот Глигор Арменски, некогашен возач на општинските функционери во Берово, кој уште не може да оствари право на пензија, бидејќи немал 64 години.

МЛАДИТЕ ЗАМИНУВААТ

Со пензионерите во Пензионерскиот дом карти играат и повеќемина помлади беровци, кои уште не го напуштиле градот во потрага по работа во странство. Меѓу нив е и 43-годишниот Благој Цикарски.

– Фирмите во кои работев пропаднаа. Имам бугарски пасош и во последните неколку години по два-три месеци во годината одев на работа во Германија, па се враќав. Но, до пред некој месец работеше жена ми, како продавачка. Сега газдите ја затвориле продавницата, па и сопругата ми остана без работа. Немаме никакви приходи, а имаме две деца, студент и средношколец. Затоа, планирам трајно да заминам на гурбет. За жал, така е во Малешевијата. Речиси се’ пропадна во овој убав крај, па не е ни грев што луѓето имаат пороци – разочарано зборува Цикарски.

БЕРОВЦИ И ПЕХЧЕВЦИ СО ИСТИ МАКИ

Исти маки и исти пороци имаат и пехчевци. Додека стојат пред шалтерите на обложувачниците, со носталгија се сеќаваат на времињата кога во Пехчево немало речиси ниту еден невработен, кога кафеаните биле полни и кога, поради немањето друга забава, масовно се коцкале. Најчесто се играло барбут, сана-бана, покер, хант…

– Во Пехчево секогаш се играше комар, без измами. Коцкарските сеанси траеја и со денови. Се преспиваше на маса, на стол. Во понеделниците, кога е пазарен ден во Пехчево, доаѓаа да се коцкаат и беровци. Често ќе дојдеа во понеделник, ќе се закоцкаа, па во Берово се враќаа во среда или во четврток. Заработеното од продаденото на пазарот често го оставаа на коцкарските маси, а некогаш знаеја и дебело да се офајдат. Сега нема пари за такво коцкање и најчесто играме само на пијалак. Обложувачниците се полни, но тие не може да бидат замена за класичната коцка – вели пехчанецот Марјан Довичински, кој од пред неколку години е на печалба во Загреб.

За едно од побогатите, но и за најкоцкарско малешевско село се смета Смојмирово, кое е на половина пат помеѓу Берово и Пехчево. Таму дури на фасадата на една куќа се нацртани големи коцки, како знак дека е изградена од коцка.

– Централните власти во Скопје одамна имаат заборавено на Малешевијата, а не не’ бидува ни локално. Имаме две малешевски општини – едната сдсмовска, другата вмровска, па се скарани. Мора да се направи единствена малешевска општина со седиште во Смојмирово. Ќе бидеме како Лас Вегас. Во Смојмирово и сега сите кафеани носат американски имиња – „Америка“, „Бен Квик“, „Мис Стон“ – во шега коментираат смојмировци во една од селските продавници.

Пари нема ни за сливова

Вториот малешевски порок е алкохолот. Најчесто се пие малешевската ракија од модра слива, чиј примат понекогаш го загрозуваа и други алкохолни пијалаци, како вињакот „рубин“ пред околу три децении

– Тогаш сме биле трети во Македонија според продажбата на српскиот вињак „рубин“, иако Берово е меѓу најмалите градови во Македонија. Дојдоа тогаш и директори од „Рубин“ од Крушевац за да ни дадат признание. Кога слушнаа дека Берово има сaмо 7.000 жители беа вџашени. Потоа пресметаа дека Берово било прво во тогашна СФРЈ според продажбата на нивниот вињак. Сега кризата е толку голема што ретко некој може да си дозволи да пие друг пијалак освен домашна ракија – раскажуваат постари беровци.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *