Намалени патните трошоци на пратениците

Патните трошоци кои пратениците ги земаа досега, се намалува за десет процентни поени. Наместо надоместок од 30 проценти од продажната цена на еден литар гориво, според изминат километар, пратениците сега ќе добиваат надомест во висина до 20 проценти. Предлогот го помина последниот филтер на Комисијата за политички систем пред да биде изгласан на пленарна седница.

– Со финалното решение со коешто е намалува сумата за исплата на патните трошоци на пратениците за користење приватно возило за службени цели од триесет проценти по литар гориво за изминат километар на дваесет проценти од литар гориво по километар, односно патните трошоци согласно оваа линија се намалуваат за една третина. Од друга страна, заедно со сите парламентарни групи, гледавме да се намалат и злоупотребите кои беа евидентни во изминатиот период и за кои злоупотреби во следниот период треба да се занимаваат надлежните институции.

Она што е исклучително важно е дека преку ова законско решение преку одлука која што претходно исто така подоцна ќе биде донесена и изгласана е контролата врз начинот на исплата, појаснува претседателот на комисијата, Александар Кирацоски.

Според предложеното решение, за исплата на патен трошок, секој пратеник ќе мора да донесе фискална сметка која ќе биде дополнително поткрепена со доказ со слип којшто се добива при наплата преку дебитна или кредитна картичка. Евентуално, доколку Собранието одлучи, со припејд картичка со која еден пратеник ќе може да ја наплаќа патарината со што потврдата дека тој пратеник патувал е евидентна.

-Исто така водевме сметка за оние пратеници кои што живеат подалеку од 100 километри да добијат можност да престојуваат во Скопје со можност за закуп на стан. На тој начин се преполовуваат трошоците кои тие пратеници би ги плаќале со што се намалуваат трошоците за патување, заштедуваат време на колегите кои живеат во внатрешноста, да бидат постојано под ризик од патувањето и на време да доаѓаат на работа, вели Кирацоски

Останува обврската пратениците секој петок да бидат во својот град, односно во местото на изборната единица и таа обврска ќе мора да ја извршуваат.

Проценките во парламентот се дека на овој начин значително ќе се намали одливот на средства од буџетот за намирување на патните трошоци на народните избраници. Според нив, пратеник од Струмица, кој дневно ќе помине 320 километри до Скопје и назад, сега, наместо околу 7.200 денари, ќе добие надоместок од околу 4.800 денари. Или пратеник кој живее на 100 километри оддалеченост од главниот град, сега ќе добие надоместок од 300 илјади денари за патувањето до парламентот и во обратен правец, што е за околу 1.500 денари помалку од сумата што сега ја добива.

Според постоечкиот Закон за пратеници, односно членот 31 што се менува, пратеникот покрај редовните месечни примања кои изнесуваат не помалку од 80 илјади денари (во зависност од тоа дали раководи со комисија или е координатор на пратеничка група), има право на други лични примања и на надоместоци на трошоци. Пратеникот има право на надомест за: селење од местото на постојано живеалиште во местото каде што ја врши функцијата пратеник, стручно усовршување и образование, погребни трошоци во висина на просекот на двете последни плати на починатиот пратеник, дневница за службено патување во земјата без трошоци за ноќевање до 4 отсто од просечната плата по работник исплатена во стопанството на Македонија во претходните три месеци, трошоци за ноќевање кои се признаваат според приложената сметка, освен во хотели од делукс-категорија, дневница за службено патување во странство, надоместок за одвоен живот од семејството, кој изнесува 30 отсто од просечната плата во земјата, испратнина при заминување во пензија во износ од две просечни месечни плати остварени во претходните три месеца.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *