Над 500 барања со отказен рок се доставени од работници до фирма со странски инвестиции, велат извори на ТВ Стар .
Причини за големата навалица за бегство од, некогаш толку посакуваното место за работа има повеќе, но како клучни се споменуват две. Најпрвин, поради се почестите информации дека фирмата се подготвува за евакуација откако Заев најави изедначување на условите за работа на странските и домашните фирми, и второ, тешката работа која зад себе веќе ги остави и првите инвалиди.
Имено, во оваа фабрика технолошкиот процес бара или 8 часовно стоење или долги и монотони физички движења кои телото не може да ги издржи.
Блиски на работници со веќе оштетени функции потврдуваат дека пред некои предстојат операциони зафати, а пред други долги физикални терапии.
Во меѓувреме, ниту платите не се она што беа во споредба со останатите во истата дејност, па работниците пресметале дека за исти пари, трајните здравствени проблеми им се гратис.
ТВ Стар денес стапи во контакт со одговорни од оваа компанија, но добивме негативен одговор што беше и очекувано, зашто процесот кој веќе е отпочнат таму е голем проблем и за него јавно не се зборува.
Во меѓувреме, сите оние кои оваа компанија ја напуштаат немаат никакви проблеми за нова работа зашто огласи за слободни работни места има повеќе од било кога.
Доколку нашите информации се потврдат, па оваа фирма ја напушти државата или пак голем дел од работниците самата неа, тогаш во Штип па и во регионот ќе се воспостави пристоен баланс на пазарот на трудот. Од него, освен оваа фирма корист ќе имаат сите. Работниците , полесна работа за исти пари, домашните фирми ќе ги пополнат работните места, а власта ќе го одржи ветувањето дека домашните и странските фирми ќе работат во еднакви услови.