Моќен говор на Саша Барон Коен за Фејсбук: Би му продавале огласи и на Хитлер (ВИДЕО)

Британскиот комичар Саша Барон Коен истакна дека доколку „Фејсбук“ би постоел во 30-тите години, би му дал простор на Хитлер за неговите антисемитски убедувања. Во својот говор, кој го одржа во Њујорк, комичарот ги критикуваше и „Гугл“, „Твитер“ и „Јутјуб“ дека на милијарди луѓе им пласираат апсурди.

Говорејќи на самитот „Никогаш е сега“ во организација на Лигата против клевети, комичарот го критикуваше основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг, кој во октомври го бранеше ставот на неговата компанија да не ги забрани политичките реклами што содржат лаги.

 

– Ако му платите, од „Фејсбук“ ќе ја емитуваат која било „политичка“ реклама што сакате, дури и ако е лага. И дури и ќе ви помогнат да ги микротаргетирате тие лаги до нивните корисници за максимален ефект. Според оваа извртена логика, ако „Фејсбук“ постоел во 30-тите години, ќе му дозволел на Хитлер да споделува 30-секундни реклами за неговото „решение“ за „проблемот со Евреите“ – истакна Барон Коен.
Саша Барон Коен
Фото: Wikipedia

Тој додаде дека е време за фундаментално преиспитување на социјалните мрежи и на тоа како тие шират омраза, заговори и лаги. Тој исто така го доведе во прашање оценувањето на Закерберг за „Фејсбук“ како бастион на „слободно изразување“.

– Мислам дека сите може да се согласиме дека не треба на нетолерантните и педофилите да им даваме бесплатна платформа за зајакнување на нивните ставови и таргетирање на нивните жртви – рече тој.

Embedded video

Социјалните медиуми и интернет-компаниите се под сѐ поголем притисок за справување со ширењето на дезинформации поврзани со политичките кампањи.

Од „Твитер“ минатиот месец соопштија дека од 22 ноември ги забрануваат сите политички рекламирања. Неодамна од „Гугл“ рекоа дека нема да дозволат оние што објавуваат политички реклами да ги таргетираат гласачите со користење на микротаргетирањето засновано на податоците за пребарување или други фактори.

Аналитичарите велат дека „Фејсбук“ е под сѐ поголем притисок да ги следи чекорите на другите гиганти.

Од компанијата истакнаа дека Барон Коен погрешно ги прикажал нивните политики и дека говорот на омраза е забранет на нивните платформи.

– Ние ги забрануваме луѓето што се залагаат за насилство и го отстрануваме секој оној го велича или поддржува тоа. Никој, вклучително и политичарите, не може да се залага или да рекламира омраза, насилство или масовни убиства на „Фејсбук“ – истакнаа од компанијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *