Минималецот се покачи на 20 175 денари
Почнувајќи од април, минималната плата во државата ќе биде повисока за 2 175 денари и од 18 000 денари ќе се покачи на 20 175 денари. Секој работник следниот месец ќе ја зема оваа плата како минимална, вели премиерот

Донесовме одлука за зголемување на минималната плата. Почнувајќи од април, минималната плата во државата ќе биде повисока за 2 175 денари и од 18 000 денари ќе се покачи на 20 175 денари, односно ќе има зголемување за 12 отсто, изјави премиерот Димитар Ковачевски по денешниот Еконосмко-социјален совет.
„Секој работник следниот месец ќе ја зема оваа плата како минимална. Согласно Законот за административни службеници, кој е усогласен со Законот за минимална плата, тоа значи дека линеарно ќе се усогласат и платите на 27 000 службеници, како и во другите сектори во кои законите се усогласени со Законот за минимална плата“,
рече Ковачевски.
Министерката за труд и соицијална политика Јована Тренчевска рече дека со денешната одлука на Економско-социјалниот совет продолжува постојаниот раст на минималната плата.
„Имаме постојан раст на платите и за оваа година нето-минималната плата изнесува 20 175 денари, а бруто-минималната плата од март 2023 година изнесува 29 739 денари“,
нагласи Тренчевска.
Зголемувањето на минималната плата е направено согласно новата методологија за усогласување донесена во 2022 година по преговорите меѓу Владата, синдикатите и работодавачите. Како што објасни Тренчевска, минималната плата се пресметува со формула во која се користат два параметри – порастот на платата и стапката на инфлација минатата година. Поточно, тие стапки се делат на два и се собираат резултатите, за да се определи стапката колку треба да порасне минималецот. Лани инфлацијата била 14,2 отсто, а порастот на нето-платата 10,9 отсто. Поделени на два овие стапки се 7,1, односно 5,45, а нивниот збир е 12,55.
„За толкав процент ќе порасне минималната плата, односно во март нема да се исплати пониска основна плата од 20 175 денари“,
изјави Тренчевска.
За вицепремиерот Фатмир Битиќи дојден е денот кога дефинирањето на минималната плата повеќе не е предмет на преговори, кавги, уцени и купување политички поени.
„Денес на Економско-социјалниот совет, преку дијалог со синдикатите и работодавачите лани, се договоривме за системско решение и нова методологија за постојан раст на минималната плата и ја утврдивме сегашната плата, односно 20 175 денари“,
рече Битиќи.
Од Организацијата на работодавачи рекоа дека отсекогаш ги поддржуваат системските и законски решенија и секојпат се стремат да ги мотивираат и да ги наградат добрите работници.
„Ова решение го донесовме едногласно. Ова законско решение е веќе стокмено и немаме потреба да разговараме понатму за негови измени, но мора да разговараме во една друга насока, а тоа е да имаме попродуктивни работници, да имаме млади луѓе кои ќе бидат задоволни со живеењето во оваа држава и кои ќе сакаат да работат во приватниот сектор“,
нагласи претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајковска.
Од Сојузот на синдикати на Македонија рекоа дека и минатата година преку многубројни синдикални активности успеале со нивните социјални партнери да најдат решение со кое ќе се утврди системско решение и методологија за утврдување на минималната плата.
„Од минатата година до сега минималната плата се зголеми за 4 920 денари на што како синдикат сме горди иако сме свесни дека не е доволно во времето во кое живееме. Инфлацијата и растот на животните трошоци ни ја намалува куповната моќ, но сепак сметаме дека е добар почеток и добар пат како да продолжиме. Она на што сакаме да повикаме е сите работодавачи, како во приватниот така и во јавниот сектор, да најдат сили и начин да ги усогласат платите и на останатите вработени за да не дојде до една соодветна урамниловка каде нема да има силно мотивирани работници туку ќе имаме работници кои ќе се споредуваат едни со други само за тоа колку плата земаат“,
изјави Златко Цветковски од ССМ.
Izvor: 360stepeni.mk