Меѓународна велосипедска планинска тура за поддршка на еко-туризмот на Осоговијатa

velosipedska tura osogovija

01.XI.2017,Каменица (kamenica.mk)

Планинска велосипедска тура по падините на Осоговските Планини реализираа 15 велосипедсти од Македонија и Бугарија, откривајќи ги природните потенцијали за одржлив туризам во овој регион.

Активностите се дел од проектот Поддржување на одржлива иднина за луѓето и природата на Осоговијата, што започна на крајот од 2015 и ќе трае до март идната година. Главна цел на проектот е зачувувањето на биолошката разновидност, со заеднички напори на локалното население.

Притоа се спроведуваат активности за поддршка на одржливото менаџирање со шумите, подобрување на знаењето за крупните цицачи и анализирање и демонстрирање на потенцијалот на Осогово за еко-туризам.

Во рамки на турата од македонска страна учествуваа велосипедисти од Кочани, Виница, Штип и Скопје, а имаше и шестмина учесници од Бугарија. Тие изразија задоволство од подготвеноста на патеките на бугарска страна и очекуваат натамошен развој на рекреативни, па и професионални активности за планински односно маунтбајк велосипедизам во Осоговијата.

– Сите си поминавменогу убаво, на сите Македонци многу им се допадна нашиот дел, од другата страна на планината. Таа е многу слична со вашата, нема големи раЗлики бидејќи се наоѓаат многу блиску. Исто така, направивме три маршрути што се прилагодени за секоја возраст и семејства, можат да возат по нив, тие се околу 25 куилометри и целосно маркирани по целата траса и навистина се многу пријатни за секого, може да се користат и без GPS и без мапа и електоронски помагалa, рече Павел Козарски, велосипедски шампион на Бугарија во маунтбајк.

– По црн пат, значи, со планински велосипеди се качуваме до Царев Врв, оттаму одиме до Пониква, значи со мала пауза на Пониква и на крајот завршуваме во Злетово. Должината е околу 40 километри, со тоа што е малку полесна во однос на тоа што има малку повеќе спуштање, а полесно е качувањето, рече Панче Зафиров, велосипедист од Кочани, член на велосипедскиот сојуз “МТБ Исток“.

– Сега сме, последните неколку години, насочени кон планински велосипедизам, ова е одлична можност, овој настан токму сега што се одржува помеѓу наши и велосипедисти од Бугарија се со цел и тие да ги видат можностите на нашите предели и ние кај нив, да ги видиме можностите што ни ги дава самата планина. Пред камера звучи невозможно или необично, но се е возможно, секој дел од планината, секој предел, секоја помината река, секој искачен врв претставуваат посебно доживување и препорачувам секој што може да се вклучи, рече Јоже Јованов, велосипедист од Кочани, член на велосипедскиот сојуз “МТБ Исток“.

На македонска страна од Осоговијата се возеше на релацијата Калин Камен – Царев Врв – Пониква – Раткова Скала – Шталковица – Злетово, при што се помина патека во должина од 44 километри.

Проектот Поддржување на одржлива иднина за луѓето и природата на Осоговијата се спроведува како партнерство на Македонското еколошко друштво и Фондацијата за биоразнообразие од Бугарија и германската фондација Еуронатур.

Leave a Reply

Your email address will not be published.