Мексиканскиот наркобос Ел Чапо екстрадиран во САД

Озлогласениот мексикански наркобос Хоакин „Ел Чапо“ Гузман им е предаден на Соединетите Американски Држави, потврдија американските власти. 

Американците го презеле еден од најмоќните луѓе во наркоподземјето во Сиудад Хуарез, а потоа со авион го префрлиле во Њујорк. Озлогласениот наркобос бил екстрадиран пред почетокот на денешната инаугурација на Доналд Трамп за нов американски претседател, јавува Си-ен-ен. Гузман беше уапсен во февруари 2014 во Мазатлан, по 13 години во бегство. Меѓутоа, јуни 2015 „Ел Чапо“ (кускуле) избега од затворот во Алтиплано низ тунел долг 1,5 километри на мотоцикл прицврстен на шини кои завршуваа под куќа во изградба.

Лидерот на картелот Синалоа се криеше шест месеци, а повторно беше уапсен по престрелка во градот Лос Мохис. Мексико минатата година одобри негова екстрадиција во САД откако Вашингтон гарантираше дека нема да добие смртна казна. Меѓутоа, мексикански суд ја блокираше екстрадицијата откако неговите адвокати поднесоа жалба. Во вториот обид екстрадицијата успеа и „Ел Чапо“ беше префрлен во САД каде ќе одговара за убиства, шверц на дрога и перење пари.

извор: http://www.mkd.mk/

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *