Македонска Каменица се подготвува за првиот Меѓународен фестивал посветен на печатарската дејност на Јаков од Камена Река

Македонска Каменица, 08. Ноември 2023 година – Во Македонска Каменица за прв пат ќе се одржи Меѓународен фестивал од областа на културата посветен на првиот македонски печатар, Јаков од Камена Река насловен ,,Јаков од Камена Река – Печатарска дејност низ примзата на книжевноста и ликовната уметноста”
Фестивалот е во организација на Здружението на граѓани “Надеж – Норе” од Македонска Каменица, со поддршка од Општина Македонска Каменица и КИЦ ,,Романса” кои на заедничка прес конференција која денес се одржа во Домот на културата во Македонска Каменица најавија дел од активностите, кои ќе се организираат во рамки на фестивалот.
-Во рамките на фестивалот ќе има многу конкурси и за афоризам и за литература, ќе донесеме и одредени автори особено за детска поезија и детска проза. Значи ќе имаме еден богат културен месец кој ќе заврши со една манифестација на доделување на плакети и граѓани и од М.Каменица кои допринеле за ширење на културата, а и од државата и меѓународни рамки на луѓе кои ја промовираат културата во светот, истакна Влатко Ситновски од здружението ,,Надеж” од Македонска Каменица.
Директорот на фестивалот Миле Ѓорѓијоски, информираше дека истиот ќе се одржува втората недела од месец декември.
-Ќе има многу интересни содржини, наш гостин ќе биде еден од најдобрите новинари Љупчо Јолевски многу значаен за македонската култура, потоа Васко Ѓуроски, човекот кој ги креира најдобрите македонски фонтови на кирилица. Ние во рамки на фестивалот ќе организираме и работилница и конкурс за краснопис. Ќе имаме гости и од областа на графичкиот дизајн и илустрацијата. Но да не откриваме се како доѓа фестивалот, благовремено ќе бидете известени, рече Ѓорѓијоски
Директорот на КИЦ ,,Романса” Ванчо Велиновски истакна дека установата секогаш останува отворена за соработка за ваквите и слични настани.
-Мило ми е кога ќе видам млади посетители што е посебна чест за нас како Културно-информативен центар. Се надевам со континуитет ќе работи уште многу години. КИЦ секогаш ќе излезе во пресрет и поддршка за сите љубители на културата и уметноста, рече Велиновски.
Во рамки на настанот беа претставени дел од карикатурите на Јитет Коештена од Индонезија, кои во наредните неколку дена ќе бидат изложени во Домот на културата во Македонска Каменица.
Јаков е првиот македонски печатар од Камена Река, денешна Македонска Каменица, роден во XVI век. Во обновената печатница на Божидар Вуковиќ има отпечатено часослов на црковнословенски јазик во 1566 година, украсен со илустрации, знаменца и вињети. Еден добро зачуван примерок има и НУБ „Климент Охридски“ во Скопје.

Leave a Reply

Your email address will not be published.