Македонија има неверојатни три проценти од целото светско богатство на минерали

Македонија има речиси три проценти од целото светско богатство на минерали. Земјава нема наоѓалишта на дијаманти, но затоа е единствената во светот што на своја територија го има рудникот Алшар на планината Кожув, каде што има богато лежиште на еден од најретките минерали, лорандит. Со негова помош, според науката, може да се докаже како функционира Сонцето и како извор на неисцрпна енергија, во иднина, да се надмине енергетската криза на глобално ниво.

Во рудата од Алшар има присуство и на антимон, арсен и на талиум. Дури седум од десеттиците регистрирани ретки кристали во светот, ги има во Алшар. Скапоценост од утробата на Македонија е и рубинот кој е минерал, исто така. Иако е непроѕирен камен, што е индикатор за степенот на неговиот квалитет, тој е веќе македонски бренд.

Сончев камен

Алшар е најбогатото наоѓалиште на лорандит во светски рамки и воедно единственото наоѓалиште на талиум во светот. Лорандитот е, всушност, издвоениот талиумов минерал. Суштината на важноста на лорандитот е во тајната на неутрино честичките. Тие се создаваат во јадрото на Сонцето и на Земјата пристигнуваат за осум минути. Кога неутрино честичките минуваат низ одредени природни елементи имаат моќ да ја менуваат нивната структура. Таков е, на пример, талиумот кој се видоизменува во олово 205 откако низ него ќе помине неутрино честичката. А, токму ваквиот природен елемент најмногу го има во минералот лорандит. И, како што велат научниците, доколку се избројат таквите атоми и се измери нивната маса, ќе се докаже функционирањето на Сонцето. Со напомена дека експериментите за пронаоѓање и утврдување на ефектот на неутрино честичките се, сепак, скапа работа. Но, која вреди секоја вложена пара, со оглед на претпоставката дека токму од минералот лондрит може да се добие нов извор на енергија – вештачко сонце.

За Алшар и моќта на лорандитот знаел и Александар Македонски. Се верува дека минералот на штитовите на неговата фаланга, заедно со брилијантната тактика на војување, бил неговото тајно оружје во победите. Блескавоста на минералот, имено, до тој степен ја заслепувал војската на противниците што во целост се дезориентирала.

Во тукашните рударски окна копале и Османлиите. Според турските дефтери рудникот за прв пат се споменува во 1481 година, а според истражувањата, најстарото “сочувано“ окно на Кожув датира од 1893 година. Рударската населба Мајдан, пак, почнала да се формира од 1877 година. Турците од Алшар ваделе антимон и арсен. Антомонот го продавале за производство на куршуми, а арсенот го користеле жените од харемите за депилација. Инаку, самиот лорандит во Алшар за прв пат е откриен во 1894 година и именуван е според Е.Лоранд, физичар од универзитетот во Будимпешта. Уште од тогаш на овој талиумов арсеничен сулфат му се препишале натприродни својства кои и се потврдиле во истражувањата, меѓу кои ги има правено и НАСА.

Богатството од утробата на Алшар

било ископувано речиси до Балканските војни кога рудникот престанал да работи. По Втората светска војна Алшар бил геолошки испитуван, но не и експлоатиран. Во изминатите децении, па и денес, тој е мета на многу диви копачи. Не само поради мистериозната руда што е заштитена од државата како природно богатство, а самиот локалитет како споменик на природата, туку и поради наодите од злато со кои е богат крајот особено околу Мајданска Река.

Уникатен македонски рубин

Спецификата на Република Македонија е во уникатноста на ендемските и ретки примероци, не само од флората и фауната, туку и на минералите карактеристични само за нашето поднебје. Во ова друштво е и корундот, минерал што претставува кристална форма на алуминиум оксид. Примесите од хром, титаниум и железо ја одредуваат бојата на кристалот. Црвениот корунд, чија боја доаѓа од хромот, е рубин, а ако во корундот има примеси од железо и титаниум, тоа е сафир. Тој, пак, во зависност од нивната концентрација може да биде бел, син, жол, па дури и зелен. Што ќе рече, рубинот и сафирот како скапоцени камења се варијации на еден ист минерал, корунд.

Прилепскиот регион е најголемото наоѓалиште на рубин како македонски природен скапоцен камен и воедно најголемо и најбогато такво во Европа. Станува збор за локалитетот каде што се копа мермерот. Не случајно, затоа што розевите минерални парчиња рубин со неверојатна тврдина се создаваат токму во внатрешноста на мермерните блокови.

Сите природни рубини, како македонскиот, имаат свои несовршености, вклучувајќи ја чистината на бојата и содржината на рутилните иглички познати како „свила“. Но, од било кој квалитет да е, како вид на минерал рубинот влегува во елитната и најпознатата група од четири скапоцени камења. Веднаш зад дијамнатот, кој е прв на светската скала на важност, а по рубинот е сафирот и смарагдот.

Македонскиот рубин, кој е позициониран во економичната класа на вистински природни рубини, со својата нежна малино-розова боја меѓу луѓето го има симболот на љубовта и простувањето.

Тврдината „9“ што ја има според таканаречената „Мосова“ скала и е веднаш зад дијамантот, кој е најтврдиот природен минерал со тврдина „10“, дава можности да се користи при изработки од накит. Но, токму поради цврстината се обработува исклучиво рачно. Екслузивноста на македонскиот природен рубин е во неговата синергија со филигранот што го прави автентично, исклучително вредно парче скапоцен накит. Своевидно национално богатство кое веќе го поседуваат многу видни личности од целиот свет.

Целиот текст ОВДЕ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *