Македонец доби Нобелова награда

Дали сте знаеле дека Македонија може да се пофали со добитник на Нобелова награда за млади? Станува збор за талентираниот Игор Томески, кој иако има само 21 година, веќе има остварено голем број успешни проекти. Кога ќе прочитате за сите негови активности, ќе се зачудите како е можно да не сте му го чуле името никогаш досега.

Додека главните преокупации на останатите 12-годишници биле редењето 5-ки на училиште и дружењето со другарчињата, Игор го снимал неговиот прв домашен филм од 40 минути, по негов текст и режија. Кога наполнил 13 години, почнал да работи во локалната телевизија и го снимил неговиот втор долгометражен филм од 70 минути, исто така по негово сценарио, режија, организација и глума. Амбициозниот Игор бил навистина неуморен и веќе на 14 и 15 години почнал да го подготвува неговиот 3-часовен игран филм за чии потреби организирал повеќе од 100 млади актери.

Навистина импресивна биографија за толку млад човек, се согласувате? Па, така се наметнува прашањето како е можно тоа што македонската јавност никогаш не чула за Игор Томески, ниту пак погледнала некој од неговите филмови? Како Нобеловото здружение дознало за неговите активности кога ни Македонија немала поим за нив? Игор учел во американско средно училиште во Тетово. Таму го заскокоткал интересот на американските директори и подготвил 3-часовна театарска претстава од жанрот театар на апсурд со 40 актери. Неговите многубројни храбри потези биле пресудни за да го поканат и наградат во „Нобеловото здружение за млади светски лидери“, основано од страна на Нобеловото семејство кое наградува талентирани млади личности од целиот свет за нивните вонсериски достигнувања во одредени области за време на детството и младоста. Иако човекот којшто го номинирал во здружението морал да остане анонимен, Игор претпоставува дека станува збор за некој од директорите на американското училиште.

„Додека мнозинството од тетовските артисти се обидуваа да го заобиколат Игор Томески, а остатокот од македонската публика немаше како да дознае за неговите достигнувања, истражувачкиот дух и инклузивната политика на Американците си го направија своето“, изјави Игор.

Дури по добивањето на Нобеловата награда за млади, медиумите почнаа да се интересираат за Игор и иако повеќето од нив ја споделија веста за неговиот огромен успех, многу луѓе од театарскиот и филмскиот свет во Македонија сѐ уште не се запознаени со него. Па, каде лежи проблемот? Зошто Македонија секогаш последна дознава за своите таленти? Игор Томески ни ги одговори најважните прашања што ја засегаат македонската културна и уметничка сцена…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *