Луда авантура: Од Стојаково до Ница со Рено 4

 

 

Македонците често знаат да направат интересни подвизи. Едни од оние кои се решија на „лудост“ се Ѓорѓи Николов и Ѓоко Шуклев од популарното селце опеано од Игор Џамбазов – Стојаково. Двајцата решија со автомобил Рено 4 – вистински олд-тајмер, да патуваат до Ница за да го изложат францускиот легендарен автомобил на саем.

Ѓорѓи Николов е цел живот професионален камионџија и ги владее патиштата низ цела Европа. Ѓоко, пак, од мали нозе е автомеханичар и обожува адреналин. Посебно го мотивира реконструкцијата на старите возила. Техничка поддршка добија од Глигор Трајков и Ангел Арнаудов.

„Идејата беше да го промовираме Стојаково малку и да ги оттргнеме луѓето од дневнополитичките збиднувања, да пратат нешто друго. Од едно возило најдено на отпад, успеавме да направиме автомобил кој руши рекорди со километри без ремонтиран мотор“, раскажуваат авантуристите од малото село.

За да го оспособат Реното старо 40 години на Ѓорѓи и Ѓоко им биле потребни два месеца. Делницата од речиси 2.200 километри води од Македонија, па се низ пет други држави – Србија, Хрватска, Словенија, Италија и Франција. Од Стојаково, со Реното двајцата минаа преку метрополи како Белград, Ниш, Загреб, Љубљана, Горица, Милано, Монте Карло, па се до Aзурниот Брег.

Максималната брзина со која се движел автомобилот е 110 до 120 километри на час, а просечната потрошувачка за оваа авантура на 100 километри е шест до седум литри бензин. Причина за авантурата бил саемот на автомобили на кој го изложиле Реното, но и самиот Азурен Брег.

„Саемот беше главна цел зошто се решивме да почнеме вакво нешто. Но, и самиот Азурен Брег. Тој е доволна мотивација и причина за да се посети овој регион на Франција. Возењето до Франција со француска кола беше исто така интересен мотив“, додаваат тие.

Минаа 2.200 километри до Франција, со македонски регистрарски таблички. Французите биле вчудоневидени од подвигот, а во некои од останатите европски земји дури и понудиле откуп за да го добијат Реното.

„Французите секако беа горди на тоа што со француско возило сме поминале толку многу километри. Не поздравуваа за тоа што го направивме и секако не заборавија да ни препорачаат наредниот пат да дојдеме со Цитроен или Пежо. Во другите европски држави бевме пречекани со насмевка и аплауз кога кажувавме што и како правиме. Имавме и по некоја понуда за откуп на возилото, но, засега, не го продаваме“

Целото патешествие од Стојаково до Ница траело вкупно три дена. За двајцата авантуристи планиран е и пречек в сабота.

„Дефинитивно ова искуство за нас беше доста возбудливо и предизвикувачко. Патувањето до Ница траеше три дена, а по пат застанувавме да одмориме кај наши пријатели. Назад се враќаме преку Јадранската магистрала. Планиран е пречек во Стојаково в сабота. Секој кој може и сака да дојде е добредојден во легендарниот кафе-бар „Икс““, велат стојаковци.

На долгите патувања секогаш знаат да се јават и несакани инциденти. Двајцата авантуристи од Стојаково додека да стигнат до Ница имале одредени мали проблеми.

„Имавме ситни проблеми околу протокот на бензин во еден момент, но бевме снабдени со резервни делови за ситни поправки, па веднаш го решивме тоа. Имавме и случај на словенечката граница, кога добивме удар од едно возило пред нас. Имено, еден возач на BMW од Словенија во ретровизорот гледаше назад и се одушевуваше на убавината на нашето Рено. Изгледа за момент заборави да ја држи десната нога на кочницата и добивме мал удар. За голема среќа, ударот не остави трајни последици на нашиот автомобил. Влеговме без проблем во Словенија“

Наспроти несаканите случки, има и моменти кои засекогаш ќе останат во мемориите на ваквите авантуристи.

„Дефинитивно, најинтересната случка ни беше пред казиното во Монако. Добивме големо внимание затоа што дојдовме со „олд-тајмер“ од Македонија. За туристите бевме вистинско изненадување. Сите почнаа да прават фотографии со нашето Рено. Обезбедувањето го смести во ВИП-паркингот. Исто така, еден интересен момент имаше и со назнаката „МК“ на автомобилот, едни Французи мисеа дека доаѓаме од Макао, па моравме да им раскажеме за Македонија“

Целото патешествие со олд-тајмерот од Стојаково до Ница чинело нешто околу 6.000 евра. Двајцата се децидни – повторно би седнале зад воланот и повторно би тргнале на далечна дестинација. Цел е да се патува во Русија, до Владивосток, за што ќе биде потребно да се поминат околу 25.000 километри во двата правци.

„Секако дека би повториле едно вакво лудо патешествие. Веќе се размислува и за подалечна мисија, а тоа е Владивосток. Веќе имаме и заинтересиран спонзор кој ќе ни помогне. Секако, помош и од други страни ќе е добредојдена, се работи за голем предизвик“, завршија авантуристите.

Двајцата љубители на автомобилите одлично ја промовираа нашата земја надвор од границите. Којзнае, можеби еден ден ќе успеат да стигнат и до големата Русија, поточно Владивосток, место кое е нивна наредна дестинација.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *