Лекарка интернист е прв позитивен Ковид 19 случај кај здравствените работници во Кочани

Лекарка интернист од кочанската болница е првиот случај на заразено медицинско лице од оваа здравствена установа.

Лекарката се инфецирала по контакт со пациент кој бил позитивен на коронавирус.

Таа е еден од двата денешни случаи регистрирани во кочанскиот регион. Откако тестовите се позитивни за лекарката од Интерното одделение во самоизолација се ставени уште три медицински лица.

-На барање на епидемиолозите во самоизолација се ставени и нејзината колешка интернист, потоа хирург и анестезиолог, со кого имала контакт во текот на минатите денови. За пациентите на интерното одделение во Кочани се грижат специјализантите, а потешките случаи ќе ги праќаме во штипската Клиничка болница. Ова е голем удар врз нашата болница од аспект на кадарот, имајќи во преедвид дека сме болница во којашто се вработени околу 250 здравствени работници, вели Александар Серафимов директор на Општа болница-Кочани

За разлика од случајот на детското одделение по контактот со четиримесечно бебе, кога беа тетсирани сите 16 вработени на овој оддел, епидемиолозите според направената анкета одлучиле во овој случај да не се тестира остантиот персонал на интерното одделение, бидејќи лекарката била соодветно заштитена.

Кочанската болница не само што ги опслучуива граѓаните на кочанско- виничкиот регион, туку кај нив доаѓаат и пациенти од малешевско пијанечкиот регион.

Во источниот регион досега по контакт со пациенти заразени се вкупно осум здравствени работници, од кои шестмина се во штипскaта, еден во кочанската болница и едно лице од здравствениот дом во Пехчево.

Здравствените работници во земјава се први на удар на коронавирусот.

Од почетокот на кризата до денеска позитивни на коронавирус се речиси 200 здравствени работници.

Најголем број се во болниците во Куманово, Скопје, Штип, Гостивар.

Викторија Јованова

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *