“Копачката” од село Драмче одбележува 70 години постоење

Фолклорната група „Копачка“, една од најстарите во Македонија, формирана во 1948, една година пред „Танец“, деновиве со богата програма го одбележува седумдеценискиот јубилеј, период во кој, презентирајќи го македонскиот фолклор, освои многу признанија во земјата и во странство, а круна беше впишувањето пред четири години на репрзентативната листа на светско нематеријално културно наследство на УНЕСКО на орото „Копачка“, според кое ансамблот и го носи името, и за чија афирмација и зачувување на автентичноста на ова и понатаму живо оро меѓу народот многу придонесе фолклорната група од делчевско Драмче 

Пишува: Љупчо Шатевски

„Бев слушнал и знаев за нив, но тие драмчани, мајстори на народната игра, првпат ги видов на една свадба во Драмче во 1959 година, кога бев поставен за учител во тоа пијанечко село. Срцето ми растрепери кога се фатија во ‘Копачката’. Играа прекрасно, везеа, како македонската везилка со иглата и конецот. Од тој момент јас станав заложник на „Копачката“ и горд сум што ме врза цели шест децении, а нејзин заложник ќе бидам до крајот на мојот живот“.

Луѓето се судбински поврзани со орото                         

Вака ја раскажува својата и приказната за легендарното соборско оро 80-годишниот Димитар Узунски, пензиониран наставник по музичко, кој , освен во Драмче, предавал и во родното Тработивиште, каде што живее, во Делчево и во повеќе други делчевски села, игроорец, пејач, инструменталист и хроничар на животот во Пијанец. „Копачката“, оро што пред четири години се најде на репрезентативната листа на светското нематеријално културно наследство на УНЕСКО, е нераскинлив дел од него, а долго раководи и со истоимената фолклорна група од Драмче, чиј претседател е и денес.

Искусните игроорци од „Копачка“ го „везат“ орото што се најде на листата на УНЕСКО

– „Копачката“ се игра со векови во овие краишта. Почнувајќи од виничка Истибања, преку Македонска Каменица и Делчево, до Малеш. Луѓето како судбински да се врзани со ова старо народно соборско оро, кое со стилот и со ритмичките делови најизворно е задржано во делчевско Драмче. Нема драмчанец што не ја знае оваа игра – вели Узунски.

Орото „Копачка“ најчесто се игра на тапан, во повеќето случаи со два, а во посебни прилики и со пет тапани. Се игра и на звук од кемане, гајда или тамбура. Некогаш на најбогатите свадби во Делчевско орото се играло на музика од сите претходно споменати инструменти, но главни биле тапаните.

Заложник на „Копачката“: Димитар Узунски

Богата програма за јубилејот

– „Копачката“ е инспирирана од тешкиот и макотрпен живот на македонскиот народ и од неговата желба и борба за слобода. Орото има четири дела – „шетаница“, „ситно“, „префрлачка“ и, последниот и најбрз дел, „копнување“, кога се застанува на десната нога, а со левата се копнува во земјата, со што игроорците креваат и прашина. Многу тешка, но и многу интересна игра што многу ја сака народот во овој крај. За нејзина поширока афирмација, но и за да не се загуби оригиналноста, многу придонесе фолклорната група „Копачка“, една од најстарите во Македонија, формирана во 1948 година, една година пред „Танец“ – истакнува Узунски.

На 20 и на 21 ноември фолклорната група „Копачка“ од Драмче одбележува 70 години постоење. Првата вечер ќе има дефиле низ Делчево на ФГ „Копачка“ и на повеќе други ансамбли од источна Македонија што на репертоарот, автентично или стилизирано, го имаат орото Копачка, потоа ќе имаат настап во сала, а на крајот ќе биде промовирана брошура со сите награди и признанија што ФГ „Копачка“ ги има добиено во изминатите седум децении. На 21 ноември, пак, ФГ „Копачка“, „Русалии“ од Секирник и ансамблот од селото Селиште, Бугарија, ќе имаат настап пред легендарната црква „Св. Архангел Драмче Михаил“ во Драмче.

Реактивирана и подзаборавената женска „Копачка“

За радиоприемникот – награда од Опатија, немало струја во Драмче

Со својот репертоар, особено со „Копачката“, низ седумдецениското постоење фолклористите од Драмче се закитиле со многу награди и признанија на фестивалите во Македонија и во поранешна Југославија, во странство. Еден од првите успеси бил во 1951 година, кога „Копачката“ првин победила на регионална смотра во Штип, па на републичка во Скопје, а веднаш потоа го освоила второто место на Југословенскиот фестивал на изворен фолклор што таа година се одржал во Опатија, Хрватска, настан со кој е поврзана и една анегдота.

– За освоеното второ место во Опатија како награда од организаторите добивме радиоприемник. Но, во Драмче во 1951 година немаше струја, па радиото не можевме да го користиме. Го подаривме на Општината Делчево. Наскоро доброто ни` се врати со добро. Општината тоа не го заборави, па почна да ни` дава поголема поддршка во нашето делување за афирмација на пијанечкиот и на македонскиот фолклор – велат стари членови на „Копачка“.

Незаборавни се настапите пред старата црква „Св. Архангел Михаил“ во Драмче

Селото Драмче многу одмана го основале четворица браќа-сточари со нивните семејства од Драма, Егејска Македонија, поради што и го добило името Драмче. Црквата „Св. Архангел Михаил“ била изградена во 11. век, врз темели на црква од 6. или 7. век на местото каде што некогаш било селото, пред неговото палење од Османлиите. Црквата повеќепати била опожарувана, но народот секогаш ја обновувал за да ја зачува својата вера и национална самосвест. Во Драмче имало училиште уште во 1869 година, кое континуирано работело 140 години и во кое учеле и до 300 деца. За жал, поради иселувањето, во 2008 училиштето беше затворено. Во селото, кое е од разбиен тип, со дваесетина маала што се протегаат на површина од 35 квадратни километри, во 1953 година живееле 1.000 жители, а сега се останати шестпати помалку.

– Но, и тие што заминале во блиските градови и тие што отишле далеку, не забораваат на родниот крај. Орото Копачка е едно од најсилните врзивни ткива. Нема свеченост во селото без да се заигра препознатливото оро, онака изворно, како што со векови се играло овде, а орото и денес да е живо во народот беше и еден од условите да се конкурира за признанието од УНЕСКО. Признанието е голем поттик „Копачката“ да добие уште повеќе на значење и повеќе да се зголеми интересот на младите за неа. Пред седум-осум години ја истраживме и женската „Копачка“, која се играла порано, но се подзаборавила, па и неа ја заживеавме. Откако станавме дел од репрезентативната листа на УНЕСКО, имаме многу повеќе настапи со нашиот репертоар во странство – во Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Унгарија, Полска… – вели Перса Стојановска, секретар на фолклорната група „Копачка“.

Се’ повеќе гостувања во странство: ФГ„Копачка“ пред две години во Сплит, Хрватска

Фолклорната група, за жал, нема свои простории. Сега пробите ги одржува во Домот на културата во Делчево. Најголем дел од фолклористите се по потекло од Драмче, потоа од Делчево, од околните села во кои, исто така, „Копачката“ не е заборавена.

ЛЕГЕНДАРНИОТ ДЕДО МИТКО – 60 ГОДИНИ ОРОВОДЕЦ, НО И „ЗАБОЛЕКАР“ ВО ДРАМЧЕ

Пред три години, со проект поддржан од Министерството за култура, беше опремена спомен-соба на легендарниот Димитар Станоевски,  шестдеценискиот ороводец на „Копачката“, која е во куќата во која што живеел дедо Митко, во Белчанското Маало на Драмче, во која и сега живеат неговите син и снаа, Симеон и Павлина. Уредени се чардакот, ходникот и собата на дедо Митко, во која се врамени многу текстови во домашни и странски списанија за него и за „Копачката“, фотографии, носијата со која го водел орото, предмети и алат од многуте занаети на сестраниот дедо Митко – дрводелски и столарски алат, пушката со која ловел, клешти со кои им вадел расипани заби на соселаните…

Куќата на дедо Митко во Драмче

Димитар Станоевски или дедо Митко (1917-2009) од 1948 до 2008 бил ороводец на орото „Копачка“, кое и во ансамблот го играл онака како што ја играле неговите прадедовци. Почина во 93. година од животот. Последен пат ја повел „Копачката на Фестивалот во Долнени во 2008 година. По настапот, на сцената пред публиката му ја предал ороводската крпа-тријачка на неговиот син Симеон, со зборовите: „Ти ја предавам тријачката со желба да ме надиграш и надживееш“. Две години денес 73-годишниот Симеон беше ороводец, а потоа, поради проблеми со коленото, се повлече.

– Повеќе генерации на нашето семејство биле игроорци и инструменталисти, а „Копачката“ секогаш им била на прво место. Дедо ми, тетките, татко ми Митко и чичковците беа игроорци. Освен татко ми, и неговите тројца браќа членуваа во ФГ „Копачка“. Татко ми беше неверојатен човек – голем мајстор за ѕидање, земјоделец, сточар, ловец, риболовец, па на некој начин и заболекар, но „Копачката“ беше неговата душа. Колку и да беше изморен од работа, секогаш наоѓаше време за неа  – вели Симеон Станоевски, синот на дедо Митко.

На дрвени табли во куќата на дедо Митко се издлабени повеќе негови изворни изреки и мисли, маѓу кои и оваа на оригиналниот дијалект: „’Копачката’ е живо оро. Нозина сакаа да ја играа ‘Копачката’, ама секој не може да ја игра. За да ја играш треба да си роден за неа. Кога ќе ги чуја тапаните, не ми се јаде, не ми се пие – ода право на орото“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *