Колку родителите се обучени за родителство?

Многу работи може да се менуваат, но со семејството почнуваме и завршуваме. Со раѓањето на детето родителите ја преземаат најтешката работи – одговорност за детското физичко и психичко здравје и одгледување за тоа да стане продуктивен граѓанин подготвен на соработка и способен да придонесе во општеството во кое живее. Има ли потешка работа од родителството? А колку родители се обучени за тоа? На тоа би требало да се сетат оние што за сè што ќе направи детето, ги обвинуваат родителите.

Квалитетната соработка меѓу училиштата и родителите овозможува континуирано следење на работата и на развојот на учениците, пронаоѓање на причините за евентуалните тешкотии, укажување на пропустите и поттикнување на нормалниот тек на развојот. Учителите и учителките се први што се обидуваат да изградат партнерски однос со родителите. Систематски работат и со децата и со родителите иако во текот на своето образование не се оспособени за ситуациите во кои ќе се најдат. Со активното слушање на родителите што доаѓаат на информативни разговори, дознаваат многу тешки проблеми со кои семејствата се среќаваат денес. Сè почесто се наоѓаат во ситуации да ја преземат улогата на психолозите, социјалните работници и слично.

Неодамна и самата бев во таква ситуација. Шест мои ученици добија брат или сестра. Станаа агресивни и нервозни во текот на наставата. Во разговор со мајките открив дека тие не знаат што да направат. Некои се обидувале да го наметнат авторитетот сосила, други се обидувале на децата да им дадат повеќе слобода избегнувајќи го поставувањето на граници, а најмногу од нив осцилирале помеѓу строгоста и попустливоста. Исцрпени од грижата за бебињата, барале совет и рецепт со кој би им помогнале на постарите деца. Бидејќи рецепт не постои, ги замолив да замислат дека се дете.

Пред сè, детето е исплашено и се плаши од губиток на родителска љубов и внимание. Несигурно е и се плаши дека ќе биде отфрлено. Вознемирено е и тешко се приспособува бидејќи дотогаш било центарот на светот. Се обидува да ја задржи таа позиција. Се сретнува со чувството на љубомора и ривалство, бидејќи мајката поминува помалку време со него, помалку разговараат и си играат. Се зголемува казнувањето и контролата на однесување. Детето чувствува вина и се смета себеси за лошо и безвредно. Не ги разбира чувствата на родителите. На училиште е раздразливо, нервозно. Постојано протестира, а всушност му треба помош да излезе накрај со сите тие чувства.

Некој психолог полесно би ја решил настанатата ситуација, но јас не сум психолог и моите способности се многу поограничени. Во одделението донесов бебе-кукла. Моите ученици, осумгодишни деца, беа воодушевени. Куклата стана бебето на нашиот клас, а ни помогна и во учењето за минатото, сегашноста и иднината. Со неа ги научивме деловите на телото, личната хигиена и поделбата на работите во семејството… За намалување на вревата во одделението, беше доволно да се каже: „Тишина, бебето спие“.

Децата сакаат кога ќе им се довери грижа за некого или нешто, ако во тоа не се претерува. Поради тоа, со родителите договорив уште една активност. Секое дете  го носеше дома нашето бебе-кукла и се грижеше за него еден ден. Задачата беше да се избања, облече и да му се испее приспивна песна која ја учевме на училиште, односно децата да се грижат за куклата исто како да е жива. Родителите ги следеле тие активности, разговарале со децата и пополнувале прашалник кој им давал насоки за следната работа. Со набљудување ги откривале способностите на своето дете, со разговор воспоставувале блискост, воочувале проблеми и дaвале поддршка. Поминувале време заедно, што беше и една од целите. Нашето бебе, патувајќи од дома во дом, го доби сето она што треба да го има (пелени, цуцли, капчиња).

Во училницата децата раскажуваа како им поминал денот со бебето и какво било чувството да се грижат за некого. Тоа ми помогна да работам на развој на емпатијата, толеранцијата и способностите кај учениците. Тој месец многу се смеевме и забавуваме. Се разбира дека со оваа активност не се сите проблеми решени, но се малку олеснети. Тоа е процес во кој ситуациите се менуваат и за нив треба да се бара решение.

Партнерскиот однос на родителите и учителите подразбира често да го работиме и она што не ни е во опис на работата. Се разбира, секој има право на избор. Останува, сепак, прашањето за размислување.

Автор: Едина Меѓиќ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *