КОГА МАКЕДОНЦИТЕ ТРОШАТ НАЈМНОГУ?

08.XI.2017 (kamenica.mk)

ДДВ-то е главен индикатор на трошење на граѓаните и врз основа на официјалните податоци се гледа дека Македонците најмногу трошеле во јули (во периодот на годишни одмори) и во мај (месецот на матурските прослави)

Граѓаните во јули годинава во државниот буџет инјектирале 77,5 милиони евра по основ само на данок на додадена вредност (ДДВ), покажуваат официјалните податоци на Министерството за финансии објавени на интернет страницата.Тоа е најголем прилив на пари кои влегле во државната каса на месечна основа за ДДВ. Овој данок е најсилен показател на економската активност на населението односно граѓаните и тоа во функција на потрошувачи. Од јулските резултати во однос на ДДВ приливот произлегува дека Македонците годинава значајно трошеле во време на годишните одмори, а најмногу во јули.

Дали мајската матурска треска е голем генератор на ДДВ приливи?

Најблизок прилив на јулскиот имало во мај. Тогаш нето приливот од ДДВ изнесувал 4,29 милијарди денари односно 69,6 милиони евра кои влегле во државната каса. Многу е веројатно дека најзначаен стимул за трошење на граѓаните во мај се матурските прослави кои се социјален феномен традиционално вкоренет и широко распространет во нашата култура на живеење. Податокот за нето приходот од ДДВ демантираше многумина од економските и политички аналитичари кои во тој период даваа изјави во јавноста во кои предупредуваа на намалена економска активност и воздржување од трошења предизвикани од политичката нестабилност.Сличен на приливот од ДДВ во мај бил и мартовскиот кога во државната каса се слеале 4,277 милијарди денари што е речиси 69 милиони евра.

Август е ДДВ „труба“

Најслаб месец по основ на прилив од ДДВ е август што можеби е разбирливо ако се знае дека јули бил со најголеми приливи. Во август приходите од ДДВ на нето основа во државната каса изнесуваат 3,59 милијарди денари односно 58,25 милиони евра. Август бил послаб дури и од февруари кој е најкраткиот месец во годината и е логично да биде со најниски приходи. Во февруари приходите од ДДВ во централниот буџет , на нето основа, биле 59,67 милиони евра.

Според официјалните податоци на Министерството за финансии најслаб месец е јуни, но тоа не е објективен приказ на состојбата ако се споредат приходите од ДДВ на нето и на бруто основа. Имено, состојбата за јуни е следна: бруто приходот од ДДВ (според податоци од УЈП) е 5,185 милијарди денари, а нето приходот е 2,54 милијарди денари. Соодносот меѓу бруто и нето приходите за јуни значајно отстапува од другите месеци. На пример за август бруто приходот е 5,68 милијарди денари,  а нето приходот од ДДВ е 3,59 милијарди денари.

Вкупно од ДДВ на нето основа Министерството за финансии собрало 35,55 милијарди денари односно 576,26 милиони евра за првите девет месеци годинава. Просечно на месечно ниво приливите од ДДВ во државната каса на нето основа се 64 милиони евра. Според Министерството за финансии реализацијата на приливи од ДДВ е 72,48 отсто од планираното за годината. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *