Каменичанецот Дарко Гоцевски со второнаградена приказна на конкурсот од МЦМС и Телма

Второнаградената приказна од третиот конкурс за граѓанско новинарство во организација на МЦМС и Телма е на авторот Дарко Гоцевски за „Сиромаштијата во измачените лица на чесните граѓани на мојата напатена татковина“. Тој ни ја претставува приказната за потрагата по пристоен дом и малку поинаков живот на едно семејство во Македонска Каменица.

„Петчленото семејство Спасевски живее во една соба. Главата на семејството, вредниот комунален работник Стојан секој ден станува со мислата како ќе го издржи овој ден, како ќе го заврши овој месец.“

Прочитајте ја целата сторија:

СИРОМАШТИЈАТА ВО ИЗМАЧЕНИТЕ ЛИЦА НА ЧЕСНИТЕ ГРАЃАНИ НА МОЈАТА НАПАТЕНА ТАТКОВИНА

Години и векови наназад, ретко убави моменти можат да се поврзат со нашето свето парче земја, со нашата татковина. Години и векови на страдање, ропство, борба за слобода и сиромашија е вистинската слика за нашата напатена татковина. Во едно такво парче земја, во нејзиниот североисточен дел, во пазувите на Осоговските планини е распослано малото рударска градче Македонска Каменица. А во него, не е се розово. Стотици примери на тажни животни судбини, сиромашни фамилии и мака, мака и само мака.

Таква е и фамилијата Спасевски од Македонска Каменица. Петчлено семејство кое живее во најблиското село, врзувајќи крај со крај и надевајќи се на подобро утре. Напразно досега чекајќи го новиот ден во потрага по пристоен дом и малку поинаков живот. Живот каков што заслужува секој кој се родил да живее а не да умира на рати, малку по малку секој ден. Петчленото семејство Спасевски живее во една соба. Главата на семејството, вредниот комунален работник Стојан секој ден станува со мислата како ќе го издржи овој ден, како ќе го заврши овој месец.

Сместени во една соба во најблиското село, ова семејство живее во надеж за подобро утре, за пристоен дом, за насмевка на своите лица. Стојан секојдневно метејќи ги градските улици во Македонска Каменица ја заработува својата скромна плата со која треба им обезбеди нормални услови на своите малолетни деца да живеат и да не се разликуваат од своите другарчиња, да ги плати сметките, да и обезбеди нормален живот на својата невработена сопруга и да се грижи за својата стара, болна и изнемоштена мајка. И сето тоа во 10 квадрати, во една соба, која е се, само не пристојно место за живеење. И секогаш како по правило и секогаш како по обичај, во најсиромашните луѓе можеш да го видиш најголемото богатство.

Со насолзени очи, со црно под ноктите, со збрчкано лице ќе го сретнете Стојан и ќе се воодушевите. Животот не го променил, немањето не го сменило воопшто. Добрата душа останала, благодарноста за она малку што го има сеуште постои. Луѓето како Стојан се задоволуваат со малку, за нив луксузот е мисловна именка. Не верувам и дека се сеќава кога си дозволил во минатото да си приушти некое задоволство.

Но, како живее Стојан? Еден негов ден поминува вака. Зборувам за првите денови од Јуни. Станува во 4 часот сабајле. Во блиските ридчиња опколени со борова шума прави обиколка барајќи печурки кои подоцна ги суши и ги продава за да добие некој денар плус. За жал оваа година природата не е толку дарежлива па печурките ги нема доволно. Се враќа од потрагата по дополнителен приход, ги буди своите малолетни дечиња кои ќе треба да отидат на училиште и меси леб од најевтиното брашно кое можел да го купи и кое го плаќа на двапати, еднаш од плата и еднаш од дополнителен приход. Домашниот леб го става во фурната да се испече а во меѓувреме на своите дечиња им спрема појадок во старите плетени торби, исплетени од мајка му кога била помлада. А доручек, најчесто ист. Малку ајвар и некое варено јајце заедно со пола лебче кое ќе се испече. Децата на Стојан се можеби единствените кои не добиваат пари за доручек туку јадење си носат од дома.

Е сега, некогаш кога Стојан ќе најде повеќе печурки и тие го добиваат својот џепарлак како своите врсници, ама тоа се случува еднаш месечно. Во меѓувреме Стојан се грижи и за својата сопруга, која не му е баш многу од помош а уште повеќе и за својата стара и изнемоштена мајка која треба да ги испие лековите, да јаде и се она што е потреба на човек во години кој сам неможе да се грижи за себе. Полека ги завршува домашните обврски и заедно со своите дечиња пешки тргнува кон градот кадешто му почнува работниот ден.

А таму секој ден, иста приказна. Чистење на градот, метење на нечистите градски улици. Но, Стојан не се срами од својата работа, напротив чесно си ја работи и чесно си го заработува парчето леб. По работата понекогаш ќе го повикаат пензионери да им помогнеме во средување на дрвата за огрев па така останува до покасно, а за возврат добие некој денар плус. Ваквите денови Стојан повторно им ги посветува на фамилијата па обично купува малку месо за да ги израдува дома. Во таквите денови тој насмеан се враќа дома, влегува од прагот на малото трошно собче од 10 квадрати во кое живеат сите петтмина и им ја кажува радосната вест на своите најмили. Понекогаш и солзи радосници му течат додека им го кажува тоа на своите. А тие, едвај се собираат во малата трошна собичка во која живеат.

Тоа е и вистинскиот проблем на Стојан. Обезбедување на пристоен дом за живеење. За другото се додека го служат двете раце ќе се живее. Ама одалеченоста од градот и 10-те квадрати во кои живеат петмина е проблем, вистински горлив животен проблем. Стојан поседува место градот, на кое би можел да изгради куќа, куќа на која ќе се радуваат неговите деца, куќа која ќе му го олесни животот, нема да мора да пешачи десетици километри секој ден, а мајка му ќе биде поблиску до градската болница во случај на здравствени потешкотии.

Јас знам дека Стојан ќе продолжи да се бори со животните предизвици, знам дека ќе биде благодарен на секој нов ден, но зошто и тој малку да не поживее како сите други? Зошто и тој да не поживее во пристоен, поголем дом? Зарем животот треба да му помине во една соба? Зарем тоа е живот? Незнам дали Стојан си ги поставува овие прашања, ама во едно сум сигурен, едно знам – aко успее некој да му помогне на Стојан, ако се солидаризираат луѓето кои имаат многу за да му помогнат, јас верувам дека не само што ќе им биде благодарен, туку ќе најде и начин со работа да им се раздолжи, затоа што луѓето како Стојан не остануваат должни.

Луѓето како Стојан можат да работат и за без пари, можат и да не јадат со денови, ама не остануваат должни. А ние како совесни граѓани, институциите како државен систем за решавање на проблеми се должни да им помогнат. А дотогаш… Кога ќе дојдете во Македонска Каменица побарајте го Стојан по Каменичките улици, кога ќе видите лице кое сјае со искреност и чесност, збрчкано од многу работа и грижи, кога ќе видите како неуморно работи слаб и неухранет човек, немојте да се двоумите, тоа е Стојан, татко на две малолетни деца и глава на 5 члено семејство кое живее во 10 квадрати на неколку километри од градот.

Дарко Гоцевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *