„Каменица САСА“ го победи „Тиквеш“ и обезбеди опстанок во Втората македонска фудбалска лига

Македонска Каменица, 05. Мај 2018 година – Со почеток од 16:30 часот, на градскиот стадион во Македонска Каменица, се одигра 25. Коло од Втората македонска фудбалска лига. Екипата на ФК Каменица САСА, со голот на Виктор Марковски во 65 минута од натпреварот, успеа да слави со 1:0 против екипата на ФК Тиквеш од Кавадарци.

Иако првото полувреме се играше речиси на половината на подмладениот состав на гостите, сепак сите обиди кон противничкиот гол на каменичките јунаци остануваа јалови. Неколкуте обиди и изгледни шанси завршија со непрецизни удари кон гостинскиот гол. Во второто полувреме САСА ја празема иницијативата и целосната контрола на теренот и прашање на време беше кога ќе падне првиот гол. 65 минута по нафрлување од десната страна, една полуизбиена топка, во една тотална мешаница пред голот, младиот Виктор Марковски успеа со прецизен удар да ја смести во гостинскиот гол. Следеа уште неколку шанси и полуконтри на домаќините кои завршија со успешни одбрани на гостинскиот голман, за конечни (1:0) на овој значаен натпревар за домаќините.

Со оваа победа, на две кола пред крајот на првенството ФК Каменица САСА успеа да го задржи седмото место на табелата, со што обезбеди сигурен опстанок во второлигашкото натпреварување. Екипата на Осогово од Кочани, денес беше слободна по распоред и следните две кола не им се доволни на кочанчани за преземање на многу посакуваното за нив, седмо место на табелата.

Следното коло Каменица САСА го игра на гостински терен во Гевгелија, против четвртопласираниот Кожуф, а последното 27. Коло ќе го дочека високо мотивираниот Борец од Велес, кој утре директно ја решава својата судбина на гостувањето во Штип против Брегалница. Со победа ќе ја обезбеди втората позиција на табелата и има отворени можности за влез во Првата македонска лига.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *