Казни од 20 евра за граѓаните што не носат маски, за фирмите по 2 000 евра

Во следните седум дена Министерството за внатрешни работи, Државниот санитарен и Здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Државниот пазарен инспекторат ќе даваат опомени, а потоа ќе почнат да казнуваат

Казна од 20 евра е предвидена за граѓаните што ќе бидат затекнати на јавни површини без заштитна опрема како маска, марама или шал, со кои треба да го покријат лицето како превенција од ширење на ковид-19.

За правните лица што нема да обезбедат заштитна опрема на своите вработени, пак, казната е 2 000 евра, а за одговорното лице во фирмата казната е 500 евра.

Ова се предвидува со Уредбата со законска сила што ја донесе Владата, а стапува во сила денеска.

Според Уредбата, во првата недела надлежните органи: Министерството за внатрешни работи, Државниот санитарен и Здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Државниот пазарен инспекторат ќе даваат опомени, а потоа и ќе казнуваат.

„Во случај на прекршување на одредбите од членовите 2 и 3 од оваа уредба со законска сила, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила до 30 април 2020 година, надлежните органи од член 4 од оваа уредба со законска сила, ќе изрекуваат писмени опомени“,

се вели во Уредбата објавена во „Службен весник“.

Под лична заштита на лицето се подразбира каква било форма на заштита која ги покрива пределот на носот и устата (респираторна маска ФФП2 или повисок стандард, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично.

Исклучок се оние лица што носат посебна лична заштита на лицето во рамки на извршувањето на нивните работни задачи, возат велосипед или индивидуално спортуваат на отворено, се движат на јавни места каде што може да се задржи минимално растојание од 2 метри, патуваат во автомобил со лицата со кои живеат или седат во својот двор.

Оваа уредба со законска сила се применува „до завршување на пандемијата со ковид-19 прогласена од Светската здравствена организација“.

Мерките за лична заштита беа донесени истовремено со намалувањето на ограничувањето на движење на граѓаните. Со вчерашната одлука на Владата скратен е полицискиот час и секој работен ден ќе почнува од 19 часот и ќе трае до 5 наутро. Лицата над 67 години ќе можат да се движат до 12 на пладне, а децата под 18 години имаат право на движење од 13 до 19 часот. За викенд полицискиот час ќе почнува од 15 часот во сабота и ќе трае до 5 часот во понеделник.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *